Татко загина вчера откако ги извлекол своите три деца на безбедно од река во центарот на Њу Џерси, соопштија властите, според Си-Би-Ес Њуз.
Сведоците изјавиле дека го виделе таткото како ги следи своите деца во реката Милстоун – притока на поголемата река Раритан која се протега на околу 65 километри – откако тие влегле во водата и „брзо се вознемириле“, се вели во соопштението на полицискиот оддел на градот Френклин. Децата се на 8, 11 и 13 години, стои во соопштението.
Очевидци ѝ рекле на полицијата дека нивниот татко успеал да ги изнесе децата во плитката вода пред да изгуби рамнотежа и да исчезне во реката.
Мажот, идентификуван како 42-годишен жител на Саут Ривер, не можело да се најде кога полицајците пристигнале на местото на настанот вчера попладне, иако неговите деца веќе биле на брегот. Нуркачки тим со обвинителството на округот Сомерсет го пронашле телото на мажот околу 17:30 часот по локално време. Властите првично биле повикани на местото на настанот околу три часа порано.
Полицијата соопшти дека името на мажот ќе биде објавено откако ќе бидат известени членовите на неговото семејство. На неговите деца им била укажана помош и биле пуштени од местото на настанот и не им била потребна дополнителна медицинска помош, велат од одделот.
Инцидентот оваа недела на реката Милстоун доаѓа по серијата неодамнешни давења на возрасни кои се обидуваат да спасат деца.
Минатиот месец, маж се удави во езерце во Мејн додека се обидуваше да ги спаси своите две ќерки, кои беа одвлечени во подлабок дел каде езерото се влева во реката, објави АП, цитирајќи ја службата за нуркање на Мејн.
Друг човек се удави на 4 јули, кога скокнал од својот брод на езерото Мичиген за да спаси дете кое паднало од сплав и се борело во водата. Официјалните лица подоцна го идентификуваа човекот како Лук Лејдли, 43-годишен жител на Винетка, кој ги преживеал нападите на 11 септември во Њујорк.
Претходно во јуни, пожарникар од Њујорк загина откако се обиде да ја спаси својата ќерка од водата во Авон.
Еден 37-годишен маж почина во езерото Нокамиксон, Пенсилванија неколку недели подоцна, откако спаси две деца, според Си-Би-Ес Филаделфија.