Семејства на жртви од Ковид-19 од Бергамо, во северниот дел на Италија, најпогоден од коронавирусот, презедоа правни чекори во потрага по правда за починатите.
Ова е прва акција од ваков вид во Италија, каде пандемијата однесе речиси 34.000 животи, пренесува хрватски „Индекс“.
Членовите на здружението „Noi Denunceremo“ („Ќе тужиме“), кое настанало од група на „Фејсбук“, поднесоа 50 индивидуални пријави до обвинителството во Бергамо.
„Сите сме од областа на Бергамо и сите имаме слични приказни, приказни за семејни трагедии и сите бараме јасни и сериозни одговори од обвинителите“, вели фармацевтката Кристина Лонгини, чиј 65-годишен татко починал од коронавирус во болница во Бергамо во март.
Кога тој се разболел, раскажува таа, матичниот лекар одбил да го посети дома, а брзата помош не била достапна за да го однесе во болницата. Кога конечно бил хоспитализиран, веќе не било можно да се спаси.
„Кога тој почина, заборавија да нè повикаат“, вели Лонгини.
Бидејќи на локалните гробишта немало место за нејзиниот татко да биде погребан, ковчегот со неговото тело, заедно со десетици други, бил пренесен со воен камион на непозната локација.
Семејството на крајот открило дека таткото е закопан 200 километри подалеку, откако по пошта пристигнала сметката за трошоците за погребот.
„На надлежните органи е да ги разгледаат тужбите. Тоа нема да биде брза истрага затоа што станува збор за чувствително прашање“, вели адвокатот Консуела Локати.
Во тужбите се наведува она што го преживеале сите семејства – од недостиг на информации, до недоволна грижа. Поднесени се тужби против непознати лица, а наводно се подготвуваат уште 150 пријави.