Петнаесетгодишниот Панајотис е една од најмладите жртви во железничката несреќа во Грција, во која животот го загубија најмалку 57 лица.
Кобниот ден тој со татко му Вангелис се враќал од Атина, каде заедно поминале три дена. Таткото му ветил на Панајотис дека ќе поминат уште еден ден на патувањето за да го прослават неговиот роденден.
И двајцата загинаа во несреќата.
Од Панајотис се простија неговите средношколци.
Пријателите запалија свеќи во училишната сала, оставија цвеќиња и венци, а со пораки и заеднички фотографии на ѕидот се простија од својот пријател.
„Панајотис, ќе бидеш засекогаш со нас“, пишува во една од пораките на ѕидот, пишува „Прототема“.
Вангелис, кој пред една година поднел оставка од работата во полицијата, сам одгледал три деца откако пред две години ја изгубил сопругата од рак.
Сите што го познаваа Вангелис велат дека тој бил примерен полицаец и семеен човек.
Нивните тела ги идентификуваше вториот син на Вангелис, Димитрис.
„Очигледно е дека моите починаа. Ги изгубив брат ми и татко ми. Тука ништо не може да се смени и тоа го знам“, изјави Димитрис.
Тој потоа додаде дека поентата е конечно да се направи нешто по оваа несреќа.
„Мојот брат имаше 15 години, разбирате ли, го имаше животот пред себе“, додаде тој.
Медиумите потсетуваат дека во сударот на брз патнички воз, со повеќе од 350 патници, и товарен воз во близина на градот Лариса ноќта меѓу вторникот и средата, загинаа 57 лица. Тоа е најголемата железничка несреќа во Грција, а претходно најголемата беше во 1968 година кога во несреќа на јужниот дел на Пелопонез загинаа 34 лица.