Светската поп ѕвезда Дуа Липа пред неколку дена ја информираше јавноста дека фестивалот „Sunny Hill“ кој се одржува во Приштина се сели во Албанија.
Причината е што организаторот, нејзиниот татко Дукаѓин Липа, не ја добил земјата во Косово што ја барал за овој фестивал.
Пред фестивалот „Sunny Hill“ најавија дека ги откажуваат сите планови за организацијата во Приштина, бидејќи Владата на Косово се уште ја нема одобрено одлуката на општина Приштина од 10 мај за закуп на 17 хектари земја за фестивалот во селото Доња Брница.
„Фестивалот Sunny Hill го става Косово на посебна мапа и претставува одлична можност да ја промовираме нашата земја. Нашата канцеларија се бореше да го задржиме во Приштина, а нашата младина го очекува и заслужува тоа. Мора да се најде решение за да се врати фестивалот таму каде што припаѓа“, изјави Диониета Мифтари, советник на претседателката Вјоса Османи, пренесува Телеграф.
На крајот, сепак, било одлучено фестивалот да се одржи во Приштина од 4 до 7 август.
Она што денеска го соопштија од тамошното министерство е дека ќе продолжат преговорите за прашањето за користење на земјиштето на подолг период. Дукаѓин Липа побарал да добие 17 хектари земјиште во главниот град на Косово и тоа на користење во следните 99 години.
За потсетување, овој најголем музички фестивал во Косово е основан во 2018 година од Дуа Липа и нејзиниот татко Дукаѓин.