Новиот министер за здравство, Арбен Таравари денеска разреши неколку економски директори на скопските Клиники меѓу кои и Бесија Иљази, досегашна економска директорка на Клиниката за Токсикологија. Иљази е една од осумте економски директори, кои се водат како вршители на должност и за кои не постои законска пречка за веднаш да ги напуштат раководните функции на клиниките.
За неа веќе беше објавено дека не комуницира на македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ биле двете секретарки вработени во оваа клиника.
Претходно, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) иницира истрага за проверка на имотната состојба на Иљази. Таа поднела две изјави за имотна состојба, првата како советник во Општина Тетово и втората како економски директор на клиниката. Истрагата следуваше по контроверзиите, вклучувајќи ја и нејзината забрана за изјави на вработените без нејзино одобрение и спорните вработувања на Клиниката, кои во спротивност со законските прописи биле потпишани само од неа, а не и од медицинскиот директор.
Дел од вработените на Токсикологија обвинуваа дека директорката не сака да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно ги туркала 18-мина на кои лани им завршиле договорите. Ставот на лекарскиот колегиум беше дека воопшто немаат потреба од толкав број на нови примања. Клиниката во моментот реално има потреба од тројца луѓе за да се доекипира лабораторија.
Таравари веќе информираше дека дал наредба за разрешување на економските директори на кои им завршува мандатот. Веќе е дадена наредба што побрзо да се спроведе во Собранието измената на законот за укинување на функцијата економски директор на клиниките, со цел да се разрешат и останатите директори на кои се уште им трае мандатот.
Како што информира Таравари, засега ќе бидат разрешени 7-8 в.д. директори од вкупно 14.