Претседателот на Собранието, Талат Џафери, придружуван од украинска делегација, предводена од претседателот на Врховната Рада, Руслан Стефанчук, денеска ја посети Украина, поточно киевската област и местата каде што, според тврдењата на украинските власти, се пронајдени масовни гробници.
„Чест ми беше да ја прифатам поканата лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од инвазијата на Руската Федерација кон Украина“, изјави Џафери за медиумите за време на обиколката.
Како што посочи тој, неговата посета е симбол на лична, институционална и поддршка од граѓаните на Република Северна Македонија кон народот на Украина и украинските институции.
Од тука можам да порачам дека лично ќе се залагам и институциите и граѓаните на Република Северна Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што стои на располагање, заедно со нашите партнери од ЕУ и меѓународната зедница“, порача Џафери во изјава за медиумите додавајќи дека лично ќе се залага потресните слики кои ги видел при посетата, да го добиваат правото име, а тоа е, како што рече, геноцид и ништо друго.