За една држава да функционира, во неа мора правото и правосудниот систем непречено да функционираат. Да има правда за Орце Камчев, за кого видовме дека со случајот „Рекет“, од „непријател број 1“ стана жртва и „свиркач“ и бескомпромисен борец со криминалот. Но, правда мора да има и за тие што немаат пари за скапи минијатурни камери и за тие што немаат „добри“ пријатели во Италија, од каде потоа се објавуваат направените снимки од рекетот.
Правда мора да има и за малиот човек, оној што секојдневно оди на работа и од чии мизерни примања се одделуваат пари низ форма на даноци и давачки, од кои потоа се финансира државниот буџет, а од каде меѓу другото, редовно му се исплатуваат на Камчев субвенции за неговиот земјоделски бизнис. За човекот што смислува цели стратегии за тоа како да го преживее месецот и како во септември на децата да им купи прибор за почетокот на новата школска година.
Случајно запознав еден таков човек, кој на самиот старт од неговата зрелост, доби огромна шлаканица од македонскиот правен систем, за кој меѓу другото пари се одвојуваат и од неговата плата. Неговото име и презиме е Ненад Станковиќ, а тој веќе една година не може да докаже дека не е виновен за сообраќајната несреќа, која што се случила на 26.06.2018 година, на патниот правец Прилеп – Градско. А како знам дека не е виновен? Едноставно, бидејќи тој не управувал со возилото!
Ненад во критичниот момент бил на совозачката позиција, а теретното возило било управувано од неговиот колега, кој се уште бил на обука во транспортната компанија и не бил пријавен во фирмата. Едноставно кажано, колегата не смеел во тој момент да вози. Но, го направил тоа.
Ненад бил потешко провреден од силниот удар, кога возачот ја загубил контролата и излетал од патот. Се здобил со повреди на раката и главата, а лекарите од итната медицинска екипа утврдиле дека се наоѓал во состојба на шок. Инаку, Брзата помош била повикана од случајни минувачи, кои од совозачката позиција го извлекле Ненад, за што потоа сведочеле и на суд.
Е токму во судската постапка Ненад ќе го почувствува правосудниот камшик врз своја кожа. Прво, тој е експресно осуден на три месеци условна затворска казна, а без притоа да биде повикан на рочиштата одржани во Судот за прекршоци во Кавадарци. Нормално дека се жали на одлуката, за да потоа во обновена постапка му биде потврдена истата пресуда. Во текот на постапката не е уважен неговиот исказ, даден два дена по несреќата со кој тој потврдува дека не управувал со возилото. Одбиено е сведочењето на двајцата сведоци, кои се нашле на лице место и повикале Брза помош, а прифатено е она од полицајците, иако и двајцата посочиле дека не се сеќаваат на несреќата, освен за тоа дека се јавиле во седиштето на компанијата за која работел Ненад, од каде им било кажано дека патниот налог е издаден на негово име. Судот одбил и да се направи вештачење на медицинскиот извештај, со кое одбраната на Ненад недвосмислено сакала да докаже дека неговите повреди не можел да ги здобие од возачката позиција.
Сепак, најинтересниот пропуст на судот е тоа што не успеал да го обезбеди крунскиот сведок во постапката, колегата на Ненад, за кого дознаваме дека го управувал возилото. Неговиот идентитет и адреса на живеење им се познати на судот и полицијата, но и покрај тоа тој не се појавил за да одговори на прашањата на обвинителството и одбраната.
Ненад нема познати пријатели, пари и врски. Тој потекнува од просечно работничко семејство, како и поголемиот дел од нас. Научен е на тежок живот и спремно се носи со тоа. Тој е лојален кон државата и со ништо не ѝ наштетил. Но, токму тоа го прави идеален кандидат за улогата „жртвено јагне“.
Преземено од Фејсбук