Шпанската водителка и актерка Ана Обрегон (68), некогашната голема љубов на поранешниот хрватски фудбалер Давор Шукер, неодамна преку сурогат-мајка доби девојче, на кое му го даде името Ана Сандра.
Во Шпанија нејзиниот потег покрена жестоки дебати околу тоа дали жена на нејзина возраст треба да биде родител и дали е тоа добро за малото девојче.
Сега Ана за шпанското списание „Хола“, откри дека девојчето всушност не е нејзина ќерка туку внука, зачната со половите клетки на нејзиниот починат син кои биле складирани во криокомора.
„Ова беше една од последните желби на мојот син Алекс, кој многу сакаше да има дете“, изјавила Ана и појаснила дека нејзиниот син, кој почина од рак во 2020 година, на смртната постела и рекол дека има три желби, да започне фондација против ракот, да ја доврши книгата што ја пишувал и да основа семејство.
„Сега кога му ја исполнив последната желба на син ми, можам да продолжам да живеам сама “, рекла Ана и открила дека постапката била покрената веднаш по смртта на Алекс, но сурогат мајката имала проблеми со зачнувањето. На крајот процедурата била успешна и се родила малата Ана Сандра.
„Сега кога ја гушкам Ана се чувствувам како повторно да го гушкам син ми. Не сакам да се оправдувам за тоа што го направив, но тоа можат да го разберат само оние кои го закопале своето дете“, изјавила Ана.
Таа додаде дека не е исклучено целата постапка да ја повтори уште неколку пати бидејќи нејзиниот син сакал да има повеќе деца.
„Кога Ана ќе порасне, ќе ѝ кажам дека нејзиниот татко бил вистински херој и дека може многу да се гордее со него“, изјавила Ана.