Алек Болдвин прв пат пред камера проговорил за смртта на Халина Хачинс.
Актерот им се обратил на папараците кои деновиве неуморно го следат каде и да се појави. Видеото го објави TMZ. Актерот го запрел автомобилот на пат во Вермонт за да и се обрати на јавноста. Со него била и неговата сопруга Хиларија
“Што сакате да знаете?” им рекол тој на почетокот на папараците.
Тој рекол дека не смее да зборува за детали од пукањето.
„Не ми е дозволено да давам никакви коментари бидејќи истрагата е во тек“, им рекол Болдвин на насобраните. „Тоа ми беше наредено од Канцеларијата на шерифот во Санта Фе. Не можам да одговорам на прашања за истрагата. Не можам, истрагата за жената која почина е во тек“, повторил тој.
“Таа ми беше пријателка, таа ми беше пријателка… Денот кога пристигнав на снимањето, ја однесов на вечера со режисерот, бевме тим кој работеше одлично. А потоа се случи овој ужасен инцидент”, рекол тој видно потресен.
Неговата сопруга цело време ги снимала насобраните папараци. Во еден момент таа со повишен глас и се обратила на толпата. „Халина, нејзиното име беше Халина. Ако поминуваш толку време на истражување на сето ова, тогаш треба да го знаеш нејзиното име”, извикала таа.
„Го запознав нејзиното семејство, нејзиниот сопруг… Тие се уништени. Има разни несреќи на филмските сетови, но ништо вакво, ова се случува еднаш…Тој и неговиот деветгодишен син се во шок, ние сме во постојан контакт со нив. Чекаме шерифот да не извести што откриле во истрагата“, рекол актерот.
Тој додал дека смета оти треба да се воведат нови безбедносни мерки на снимањата каде што се користи оружје. „Не смее да се користи вистинско оружје. Јас не сум експерт за овие работи, некои други луѓе се. Што и да одлучат, така треба да работиме за да ги заштитиме луѓето на снимањето. Јас ќе соработувам за ова колку што можам”, рекол Болдвин.
Тој додал и дека „се сомнева оти ќе продолжи снимањето на овој филм“.
„Ќе ве замолам за услуга… Моите деца во автомобилот плачат…“ рекол тој.
„Затоа што не следите“, налутено додала неговата сопруга.
„Од почит кон вас, решив да излезам и да разговарам со вас, не можам да зборувам за детали од истрагата, разговарам со полицијата секој ден. Разговаравме со вас, сега ве молам престанете да не следите, оставете не , кажав се“, заклучил актерот.
Инаку, испукувајќи куршум од реквизит, Алек Болдвин ја уби Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза на филмски сет во Ново Мексико.