Рок ѕвездата Џон Ленон и јапонската уметница Јоко Оно (90) до денес се сметаат за еден од најпознатите славни парови, а многумина сè уште имаат само најлоши зборови за вдовицата на легендарниот пејач.
Парот се запознал во Лондон во 1966 година, кога Ленон свратил на самостојната изложба на Јоко. Набргу потоа, тие започнале афера, што довело до тоа Ленон да ја остави својата прва сопруга Синтија Ленон и нивниот петгодишен син Џулијан.
„Кога се заљубив во Јоко, знаев дека ова е поразлично од сè што некогаш сум спознал. Ова е повеќе од рекорд, повеќе од злато, повеќе од било што“, изјавил своевремено Ленон.
Судбоносното „да“ го кажале во 2969 година во Гибралтар, а само една година подоцна „Битлси“ објавиле дека се распаѓаат. Ова предизвикало многу шпекулации меѓу обожавателите и медиумите, па набргу ја обвиниле Јоко за распадот на нивниот сакан бенд. Покрај тоа, многумина верувале дека пејачот поради неа станал зависник од хероин.
Во бракот го добиле синот Шон, а пет години по неговото раѓање, во 1980 година, Ленон бил убиен пред нивниот стан во Њујорк. Само еден ден по неговата трагична смрт, Оно изјавила дека нема да има погреб, па пепелта на Ленон била расфрлана низ Централ Парк.
Пејачот целото свое богатство го оставил на Јоко и нивниот син, додека на првата сопруга и синот не им оставил ништо. Поради ова, на уметницата ѝ бил даден епитетот „најодвратната жена на сите времиња“, а се зборувало и дека го демнела долго пред „случајно да се сретнат“ во галеријата.
Ниту семејството на Ленон не било воодушевено од неговата избраничка, а наводно тетката на пејачот ја нарекла „отровно џуџе“. Не ја сакале ниту останатите членови на Битлси, а не сакале ниту да ја гледаат на пробите. По неговата смрт, Јоко станала богата жена, а нејзиното богатство се проценува на околу 700 милиони долари.
Таа во изминатите неколку години користела инвалидска количка, па се претпоставувало дека доживеала мозочен удар. Сепак, нејзините блиски пријатели го негирале тоа велејќи: „Единствениот удар што го доживеа Јоко беше ударот на креативноста“.