Сè се случи многу брзо, велат очевидци на сообраќајката што утринава се случи во Грција, недалеку од границата со С Македонија, во која животите ги загубија четири лица, а над 50 патници се повредени.
Несреќата, како што пренесоа грчките медиуми, се случила во близина на областа Поликастро, на излезот Евзони.
До неа дошло кога автомобил во кој се превезувале четири лица, директно се судрил со автобус на српска туристичка агенција, по што автобусот се превртел во ендек покрај патот.
Потоа, во автомобилот удрило друго возило, во кое биле 38-годишна жена и нејзиното шестгодишно дете, кои не се повредени.
Според последните информации, во несреќата загинале четири лица – сите сопатници од првиот автомобил, додека над 50 од вкупно 81 патник во српскиот двокатен автобус се повредени.
Патничка од автобусот за „Еуроњуз“ Србија изјавила дека несреќата се случила набрзо откако автобусот влегол во Грција.
„Кога влеговме во Грција, направивме пауза и набрзо после тоа застанување, нашиот автобус излета од патот и се преврте. Сè се случи многу брзо. Возачот беше неверојатно присебен и успеа да избегне директен удар со бетонски столб. Се евакуиравме преку прозорци, со кршење на стаклото. Колку што знам, ниту еден од нашите патници не е во животна опасност“, вели таа.
На дел од фотографиите во српските медиуми може да се види дека автобусот се превртел на страна, а патниците излегле преку скршеното предно стакло на горниот кат.
Веднаш по дојавата за сообраќајката, на местото пристигнала Итната помош.
„Луѓето веднаш притрчаа да помогнат и ги извлекоа повредените и онесвестените“, велат очевидци на настанот.
Друга жена сведочи дека со автобусот од Ниш се превезувале и нејзините родители.
„Мајка ми се јави и кажа дека се пренесени во болница и дека чекаат снимање. Ми кажа дека било премногу страшно, скоро два часа им помагала на луѓето. Фала му на Бога што се живи“, изјавила таа:
Во спасувачката акција учествувале и 18 пожарникари, со шест возила.
Патниците се здобиле со различни повреди, а на лице место им била укажана итна медицинска помош, по што се префрлени во болница. Истрагата за несреќата е во тек.