Дисциплинска одговорност се бара од обвинителите Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. Постапката ја поведе републичкиот обвинител Љубомир Јовески, а по претресот во Финансиската полиција за кој беше утврдено дека е незаконски направен. Дисциплинската комисија ќе треба да утврди кои повреди се направени.
„За обвинителите постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство“, велат од Обвинителството.
Од трите обвинителки, само за Вилма Русковска е донесена одлука за суспендирање. Тоа го потврдуваат и од Обвинителството.
„Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, додаваат од Обвинителството.