Според студија на истражувачите од Универзитетот во Квинсленд и Грифит во Австралија, доза која се внесува преку фластер на кожата може да понуди подобра заштита од КОВИД-19 отколку вакцините со игла.
Фластерот широк еден сантиметар содржи 5.000 пластични шилци долги четвртина милиметар. Секој е обложен со сува верзија на вакцината. За разлика од течностите кои се внесуваат со игла, сувата верзија не треба да се чува на ниски температури.
Истражувачите тестирале лепенка со кандидат за вакцина наречена HexaPro, развиена од научници од Универзитетот во Тексас во Остин. Оваа вакцина се уште е во клиничко тестирање, но досега се покажа дека е поотпорна на топлина отколку течните. Одржана на температура од 25 степени Целзиусови, оваа вакцина остана стабилна најмалку еден месец, а на температура од 40 степени, една недела. Тоа значи дека не мора да се чува на ладно место. Исто така е поевтинa за производство од постојните одобрени вакцини.
Според истражувачите, вакцините администрирани преку фластерот создале подобар имунолошки одговор поради високата густина на имуните клетки на површината на кожата. Глувци, на кои им бил ставен фластерот, развиле повеќе антитела од оние на кои им била дадена течната вакцина, а ниту еден не покажал знаци на болест.
Други предности на овој метод за давање на вакцината се полесното ракување, што ја вклучува можноста лицето да си ја даде себеси, дури и оние без никакво познавање на медицината. За разлика од вакцините Pfizer и AstraZeneca, фластер-вакцините не треба да се мешаат, а фактот што може да се чуваат на собна температура значи полесен транспорт. Истражувачите исто така тврдат дека е безболно.
HexaPro не е единствената вакцина што се развива за ваков тип на употреба. Британската компанија „Emergex“ направи фластер за кој вели дека нуди подолг имунитет од обичната вакцина. Според Робин Коен, еден од раководителите во Emergex, нивната вакцина со кожни фластери предизвикува високи нивоа на имунолошки Т-клетки, кои се важни за долготрајниот имунитет и спречување на пренос на болести.
Emergex вакцините се очекува да се даваат преку микроигли, а се наведува дека на собна температура може да се чуваат повеќе од три месеци, што значи дека би можеле брзо и ефикасно да се транспортираат низ светот. Компанијата наскоро треба да започне со тестирање на 13 волонтери во Швајцарија.
Доколку на овие вакцини им се даде зелено светло за употреба, тие ќе им понудат олеснување на оние кои се плашат од игли и зошто досега не примале вакцини на конвенционален начин.