23-годишниот Кемар Гери Лалор од Торонто и неговата мајка Труди-Ен Лалор имале Ковид-19 и двајцата ги изгубиле сетилата за вкус и мирис.
Лалор изјавил за „BuzzFeed News“ дека неговата мајка ги вратила сетилата за вкус и мирис по неколку дена, па затоа тој ја прашал како успеала во тоа.
„Таа ми откри лек кој нејзината мајка ѝ го давала како дете кога живееле во Јамајка“.
Нејзиниот рецепт вклучувал печење портокал на отворен оган додека кората на овошјето не стане целосно црна. Откако ќе ја излупите кората, го гмечите портокалот во чаша и додавате кафеав шеќер. А, потоа го јадете.
Лалор го испробал рецептот и вели дека успеал и кај него. Неколку дена подоцна, кога неговата мајка го подготвувала за неговата помала сестра, Кемар сфатил дека би било корисно повеќе луѓе да дознаат за него. Со таа цел, направил ТикТок видео во кое објаснува како да го припремите рецептот.
Луѓето веднаш започнале да го испробуваат рецептот, а студентот признал дека голем дел од нив започнале да му пишуваат колку многу им помогнал. Некои од нив рекле дека веднаш виделе резултати, а некои велат дека успеале да ги повратат своите сетила по втор или трет пат или преку прилагодување на рецептот.
„Мојата мајка и јас сме пресреќни што успеавме да им помогнеме на луѓето во ова тешко време“, изјавил Лалор.