Сосема обична ноќ во Тетово, во која граѓаните во необично голем број се насобрани во централното подрачје на градот, каде го следат говорот на уредно потшишаниот господин, кој со блага насмевка им се обраќа со помош на својата надалеку славна реторика.
– Има една песна се вика Стреџерс ин д најт – со своето вродено тенорче во гласот и пропратен покрет на главата патентиран од хармоникашот Алачки, говорникот им го отпеа на присутните тетовци славниот стих излезен од гласните струни на Френк Синатра.
„Странци во ноќта“ е официјалниот превод на оваа нумера, која интересно воопшто не била наменета за големиот Френк, туку во инструментална верзија е употребена како саундтрак за филмот „Човекот може да биде убиен“, а пред да заврши на неговиот албум, нумерата ѝ била понудена на грчката актерка и повремена пејачка Мелина Меркури.
Не знаеме точно зошто Меркури ја одбила понудата да ја отпее „Странци во ноќта“, бидејќи хроничарите од 70-те години на минатиот век не оставиле никаков запис за тоа, но со сигурност знаеме дека баш во тој момент талентираната Мелина се зачленила во партија. Да, таа станува член на ПАСОК, на чиј предлог е избрана за составот на грчкиот парламент, а во 1981 година станува првата жена, назначена за министер за култура во владата на нашиот Јужен сосед.
Нејзиното минестерување може накратко да се опише во две реченици. Таа беше горлив борец за враќање во Атина на „мермерните склуптури од Партенонот“, кои сосема нелегално се наоѓаат во Британскиот музеј во Лондон, а беше и иницијатор на воспоставувањето на програмата „Европска престолнина на културата“ во рамките на ЕУ.
Синатра не стана никогаш министер, па затоа ја отпеа „Странци во ноќта“, која е еден од најголемите хитови во неговата кариера. Не знаеме дали прекрасната Мелина некогаш се каела за пропуштената шанса, наместо во политички води да остане во музичките, но сигурни сме дека говорникот од Тетово не треба да пее. Никогаш повеќе. Ниту на митинг, ниту на родендени, семејни забави или под туш во сопственото купатило.
(Преземено од Фејсбук)