Зоран Михајлов
Секоја средина сигурно ќе се гордее ако во своите редови има ас од калибарот на кошаркарката Стојна Вангеловска. Таа со своите резултати остави силен белег во македонскиот спорт, а нејзините медали освоени со репрезентацијата на поранешната држава и денеска го имаат истиот блесок. Тие никогаш нема да потемнат и ќе бидат симбол на едно време и на една голема спортска звезда, која беше прогласена и за спортистка на векот во Македонија. А, се почна, онака како што почнуваше спортскиот живот на сите млади – уште од училишните клупи вo ОУ „Васил Главинов“.
-Спортот уште како млади девојки во училиштето ни беше преокупација, раскажува Вангеловска. Имав среќа наставник по физичко воспитување да ми биде Миле Геговски, извонредна личност, кој со еден специфичен приод ни ја вроди љубовта кон спортот. Не само јас, туку цела генерација, а и оние генерации пред и по мене, благодарејќи на Геговски спортуваа. Тоа беше едно убаво време на спортско живеење, кое за мене почна уште од осмоделенските клупи, таму некаде во 1973-тата година.
Влез во светот на кошарката
Вангеловска по завршувањето на средното образование станува членка на КК Студент, екипа која во тој период се натпреваруваше во Првата југословенска лига.
-Тренирав вредно и ја чекав шансата да станам првотимка. Конечно, по еднаипол година настојчива работа, ми се укажа шанса. Заиграв за првата екипа, а веднаш потоа станав и стандардна во првата петорка. Игрите во салите ширум Југославија не останаа незабележани од стручњаците, па така по првата прволигашка сезона, кога имав неполни 20 години, стигна поканата од белградски Партизан. Многу ме мачеше мислата дали да ја прифатам или да останам во мојата средина. Но, со оглед на можностите што ми се нудеа во Белград, а и мојата конечна одлука кога веќе работам нешто – тоа да го правам до крај, сепак се решив да одам во Партизан. Таму останав една година, заиграв стандардно и бев пресреќна што со белградската екипа ја освоивме двојната круна – станавме шампионки и куп-победнички. Следната сезона дојде покана од Словенија да станам членка на Јежица, екипа која имаше големи амбиции, не само за домашната, туку и за европската сцена. Бидејќи мојот влез во кошарката беше на голема врата, не се колебав-бев сигурна во себе и во своите способности, па затоа за да одам уште подалеку ја прифатив понудата. За Јежица настапував пет години, кои за мене ќе бидат незаборавни. Во тој период освоивме се што можеше да се освои – титулата, купот и игравме на европоска сцена.
Тогаш како 21-годишна девојка Вангеловска доби покана да заигра во Италија, но таа не ја прифати и остана во Јежица, каде што изгради една феноменална клупска и репрезентативна кариера.
Прва Македонка – олимпијка!
Во 1983 година на Европското младинско првенство во Финска Стојна Вангеловска беше прогласена за најдобар плејмејкер. Европските стручњаци, кои и го доделија ова признание знаеја дека таа ќе стигне уште подалеку. И навистина така беше – набрзо стигнува и поканата од тренерот и селектор Милан Васоевиќ, кој ја вклучува во сениорската репрезентација на Југославија.
-Овој повик во најсилниот државен тим за мене беше голема чест, но и обврска. Знаев дека мора уште повеќе да тренирам за да ја оправдам довербата на Васоевиќ и сите оние луѓе, а ги имаше во голем број, што беа вклучени во стручниот штаб на сениорската репрезентација. Тоа беше еден период, кој за мене многу значеше. Си мислев-ова е голема шанса и морам да ја искористам. Почнав да сонувам за идните настапи, бев млада, а веќе ми се насмевнуваше и олимписки настап. Во периодот по она младинско првенство на Европа во Финска, за мене освен кошарката-не постоеше ништо друго.
Времето минуваше и се наближуваше денот за пат на Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година. Вангеловска веќе беше стандардна во сениорскиот тим на Југославија, ги очекуваше само првите настапи.
-Бев почестена што станав првата Македонка – учесничка на една Олимпијада, продолжи Вангеловска. Тоа е едно посебно чувство, знаеш дека ти се остварил еден голем сон и дека си постигнала навистина нешто вредно.
Во Лос Анџелес Вангеловска не само што беше првата Македонка-олимпијка, туку таа беше и најмлада во југословенската репрезентација.
–На турнирот екипите беа поделени во две групи со по 4 репрезентации. Ние бевме во група со Американките, кои нормално беа главни фаворитки, потоа Кина и Ј.Кореја. Од исходот на мечот меѓу овие две репрезентации зависеше нашиот пласман во полуфиналето. За жал, овде се случи изненадување -Кина неочекувано загуби и ние не стнавме полуфиналистки!
Крајниот расплет на женскиот кошаркарски турнир покажа дека Југославија, за која покрај Вангеловска настапуваа уште искусните Ожеговиќ, Дорник, Комненовиќ, Почековиќ, Мајсторовиќ и Деклева, навистина беше во силна група од која всушност произлегоа сите три носители на олимписките медали. Југославија на крајот го делеше петтото место со репрезентацијата на Австралија, која пак на следната Олимпијада во Сеул во 1988 година им беше противник на Југословенките во борбата за пласман во финалето.
На патот до Олимпијадата во Сеул, која беше главна цел во втората половина од 80-тите години, женската кошаркарска репрезентација на Југославија, беше неприкосновена на Балканот и 4 пати ја освојуваше шампионската титула. Стојна Вангеловска беше главен актер во сите тие финални средби во кои најчести противнички беа Бугарките.
-Се сеќавам на сите тие средби, но сепак во предолимискиот период ми се чини најголемо задоволство почувствував на Европското првенство Шпанија. Таму во 1987 година бевме втори, во финалето загубивме од тогашниот СССР, кој беше суверен владетел на европските простори. Меѓутоа, од овој шампионат во Кадиз – Шпанија, никогаш нема да го заборавам моментот, кога на свечената вечера по одигрувањето на финалниот натпревар – во салата официјалниот спикер објави дека Стојна Вангеловска е прогласена за МВП на шампионатот. Бев изненадена, збунета, едноставно не знаев што се случува кога кошаркарките доаѓаа да ми честитаат.
Истата година Југославија беше прва и на Универзијадата што се одржа во Загреб, а на крајот од годината женскиот кошаркарски тим на Југославија беше прогласен во анкетата на загрепски „Спортске новости“ за најуспешен во 1987 година.
Конечно, олимписко сребро
Резултатите од напорната работа не можеа да изостанат. Сите погледи сега беа насочени кон Олимпијадата во Сеул 1988 година. Вангеловска и нејзините другарки од репрезентацијата покажаа дека имаат квалитети да се борат за самиот врв, да стигнат дури и до финалето, во кое едно место однапред како да беше резервирано за Американките.
-Токму тој пласман во финалето беше наш предизвик, вели Вангеловска. Сите знаевме дека од нас и од машкиот кошаркарски тим се очекуваат сигурни медали. Тоа малку не оптоваруваше, но и стимулираше. Од стартот се се одвиваше според очекувањата. Стигнавме до полуфиналето во кое противник ни беше инспирираната репрезентација на Австралија. Знаевме дека ќе биде тешко, но бевме решени да дадеме се од себе и да стигнеме до финалната битка.
Мечот со Австралија беше многу драматичен. Двете репрезентации постојано се менуваа во водство, за во последните 5 секунди Австралијките да влезат со еден поен предност. Се разви голема битка, беше драматично. Југословенките беа во напад, тоа беше последна шанса. Вангеловска во тие мигови како плејмејкер и веќе искусна репрезентативка ја презеде одговорноста и го поведе нападот. Претходно селекторот Васоевиќ ја уфрли во игра и високата Дорник, така шпто во рекетот Југославија имаше практично два високи центра – Разија Мујановиќ и Полона Дорник. -Тоа како да ги збуни противничките, се сеќава на инфаркт-завршницата Вангеловска. Јас имав поголем избор во моментите кога требаше да проиграм некоја од двете во рекетот. Ја избрав Мујановиќ, таа ми ја врати топката, јас повторно ја проиграв, а таа и даде пас на Арбутина која од левата страна веќе се упати кон кошот. Откако влезе во рекетот ја прифати топката и меѓу многу раце на противничките кошаркарки ја уфрли топката во обрачот. Погоди, поен предност за нас, победа во последната секунда и – крај.
Така изгледаше тоа драматично полуфинале, по кое во финалето противнички беа Американките. Иако тие беа големи фаворитки Вангеловска и другарките им дадоа силен отпор и загубија со 70:77. За последен пат во историјата на југословенската женска кошарка беше освоен сребрен олимписки медал. Следна шанса, можеби и за златен медал беше Барселона 1992 година, но во тие години поранешната држава се распадна и така тој состав се раздели.
-Меѓутоа, пред да се распадне Југославија, продолжува Вангеловска, ние имавме исклучително забележителен настап во 1990 година на Светското првенство во Малезија. Овде бевме втори, па исто како во Сеул, се закитивме со сребрениот медал. Овој пласман покажа дека претходните успеси не биле случајни, туку дојдоа како резултат на една напорна и пред се стручна работа.
Враќање дома за завршување на кариерата
На клупски план кариерата се движеше онака како што посакуваше Вангеловска. Откако почувствува дека е момент да замине, по петгодишно играње за Јежица, заминува во Грција и две години ги брани боите на Панатинаикос со кој исто така има успех и ја освојува двојната круна.
-Потоа, некако носталгијата ме влечеше, а сакав да се претставам и пред својата публика, вели Вангеловска. Затоа се вратив во Македонија, која во тоа време формира своја лига и имаше свој систем на натпревари. Мој избор беше Тиквеш од Кавадарци, клуб со големи амбиции. И навистина вложувањата се исплатија. Настапувајќи за Тиквеш во таа година ја освоивме шампионската титула, а бевме и освојувачки на купот. Потоа, чувствувајќи презаситеност од играњето во 1994 година решив да ставам крај на мојата играчка кариера.
Во следните четири години се посветува на едукацијата и посетува семинари во повеќе земји во светот. За неа вратите секаде беа отворени, зашто уште од поодамна имаше создадено име препознатливо во светот на кошарката.
Отако почувствува дека е способна да застане на кормилото и да биде тренер станува селектор на нашата женска репрезентација, а го презема и тренирањето на тогашниот хит Кимико од Струга. Со стружанки победува во првенството и во купот. Но, Вангеловска не се задоволува со тоа, таа е подготвена да прифати нови предизвици. Станува тренер на ЦСКА од Софија, а во еден период и на екипата на црногорскиот прволигаш Бијело Поље. Со нив ги освојува и првенствата и куповите на двете земји, а е успешна и во Балканскиот куп. Така, покрај играчката- таа изгради и убава тренерска кариера.
Стојна Вангеловска, нема сомнение, заслужено е избрана за спортистка на векот во Македонија и таа има почесно место на пиедесталот на најдобрите. Вангеловска накусо речено се вгради во македонскиот спорт и нејзиното име постојано ќе зрачи како симбол на нешто големо, нешто навистина тешко достижно.