Зоран Михајлов
– Тодоровски беше еден од првите кошаркари во Македонија и прв тренер што го водеше КК Работнички во југословенската Сојузна лига.
-Катастрофа на почетокот – пораз од Црвена звезда во Белград со 71:1, резултат за Гинис! Подоцна работите се сменија и дојдоа убавите кошаркарски денови
Интересна е приказната за почетоците на кошаркарскиот спорт во Македонија. Таму пред Втората светска војна некој од професорите во училиштето Браќа Миладиновци, во центарот на Скопје (кај сегашниот трговски центар) во дворот на едно дрво закачил табла со кош. Сите се чуделе што е тоа, но кога тој почнал со топка да се обидува да ја уфрли во кошот сфатиле дека токму во тоа е суштината на целата игра. За сите случувања околу кошарката и нејзините почетоци ги пренесувам сеќавањата на еден од пионерите во кошарката Стефан Тодоровски-Цефи,кој за жал пред два месеца почина, но зад себе остави едно големо спортско остварување. Па еве извадоци од тоа интервју.
-Новата игра траеше еден кус период, потоа таблата ја снема и ние ја заборавивме како никогаш да не постоела (!),- раскажуваше легендарниот македонски кошаркарски тренер Стефан Тодоровски-Цефи. Но, мене и на моите другари тоа ни се врежа во меморијата, па така по Втората светска војна кога почна пионерскиот развој на спортот во сите републики на поранешната држава, тогаш сфатив дека она што сме го гледале во дворот од училиштето практично бил почетокот на кошарката кај нас!
Терен од земја, обрачи на дрвени табли
Новиот спорт многу ги заинтригирал скопските ученици, па така тие се почесто го практикувале. Се снаоѓале на најразлични начини – сами правеле табли и обрачи кои ги поставувале најчесто на дрвата.
-Тоа беше време на вистинска експанзија на сите спортови, велеше Цефи. Сите што се занимававме со еден спорт, како основен, се појавуваме на терените и во другите спортови. На почетокот бевме како едно спортско семејство, а потоа секој според својот афинитет одеше онаму каде што сметаше дека за него ќе биде најинтересно. Така на почетокот од спортската кариера се случуваше да играм фудбал, потоа голем ракомет, да се натпреварувам во некоја атлетска дисциплина. Но, на крајот, можеби и поради другарите, решив да се посветам само на кошаркарскиот спорт.
Според кажувањето на Стефан Тодоровски почетокот бил многу тежок. Немало инфраструктура, а единствениот кошаркарски терен во Скопје, се наоѓал кај денешните тениски игралишта на ЈУГ.
-Подлогата беше од земја, па да не се дига голема прашина пред тренинзите, полневме кофи со вода од јазот кој течеше покрај игралиштето и го прскавме теренот. Тоа ни беше практично првиот дел од тренингот, тоа му доаѓаше некако како загревање. Така, често во смеа знаеше да каже и нашиот тренер Драгослав Лазиќ, кој беше првиот кошаркарски тренер на овие македонски простори.
Потоа, откако спортските работници виделе дека има големо интересирање за кошарката било изградено ново игралиште со подлога од плочки, на местото од денешната сала на КК Работнички. Во тоа време во Скопје постоеја два клуба – Вардар и Работнички ,а кошарка се играла уште во Битола, Охрид, Гевгелија и Штип. Инаку, благодарејќи на организацијата на натпреварите од Ц групата на Светското првенство што се играше во Југославија, на местото од тогашното игралиште беше изградена денешната сала на КК Работнички, за која може да кажеме дека се претвори во вистински храм на кошарката во Македонија.
Катастрофален почеток
Во тој период во целата држава се одржуваа и слетови, па во рамките на тие масовни спортски манифестации имало и натпревари во повеќе спортови.
Во 1946 година на првиот повоен слет се одиграл и натпревар на трева на Градскиот стадион. Судија бил познатиот спортски работник Панче Пандилов. Играчите одвај ја контролиравме топката која со сета сила морале да ја удираат на тревата за да отскокне. Мака мачеле, но желбата да се игра била посилна од се.
Потоа Цефи ми раскажа за првиот натпревар надвор од границите на Македонија, во Белград.
-Ние од двете екипи, Вардар и Работнички формиравме една и отпатувавме во Белград. Игравме со Црвена звезда и што да ви кажам, се обрукавме. Не можевме кош да погодиме и мечот заврши со резултат од 71:1! Да точно не е грешка, таков беше резултатот, како што многумина велат за Гинис, а стрелец на единствениот кош беше Асен Николов од слободно фрлање. Навистина секој почеток е тежок, но овој беше катастрофален.
– Но, некогаш и во лошото има добро. Тоа како да не разлути, па почнавме многу поангажирано да тренираме. Тогаш од Вардар заедно со мене во Работнички минаа Перо Димов и Тодор Тодоровски. Поразот од Белград не печеше,но и мотивираше. Три години подоцна на турнирот на градовите во Риека ја забележавме и првата победа на сојузно ниво, го совладавме Нови Сад.
Овие настапи биле охрабрувачки. Младите во Македонија се повеќе се загревале за кошарката, па како резултат на таа заинтересираност почнале да се организираат се почесто натпревари, а била формирана и македонската лига. Исто така почнал да се одржува и зимскиот турнир во салата на Соколана во Куманово.
-Тој турнир се здоби со голема популарност,па на него учествуваа и шампионите на државата Црвена звезда и Партизан. Ние губевме од нив, но за разлика од првиот натпревар овој пат сликата беше многу поинаква. Очигледен беше нашиот напредок.
Драма во квалификациите за Првата лига
Стефан Тодоровски Цефи станува тренер на Работнички, а Лазиќ на Вардар. Се развива големо ривалство кое придонесува за подигнување на квалитетот.
-Јас функцијата ја извршував аматерски, зашто бев професор во Средното фискултурно училиште.Така работев се до 1964 година, кога влеговме во Првата сојузна лига. Потоа, бидејќи беше потребен професионалец, а јас не сакав да бидам тоа, кормилото го презеде Лазар Лечиќ, кој во Белград ја заврши тренерската школа. Подоцнежните резултати со Лазо се познати но јас и натаму останав да работам како директор во клубот, а ги тренирав и младите кошаркари, вели Цефи.
Во меѓвреме додека Тодоровски беше тренер Работнички во 50-сеттите години играше во Втората и во Пртвата Б југословенска лига. Ми раскажа една секвенца и за скопските квалификации за Првата А лига во 1961 година.
– На неколку секунди пред крајот од мечот со Раднички побарав тајм-аут. Им реков да се игра преку Фишиќ, кој треба да го проигра центарот Лазов. Овој ќе требаше да влезе во рекетот, па ако немаше кош ќе имаше лична. Но,Фишиќ штом ја прими топката шутираше и промаши. Така пропадна шансата за влез во елитата. Тогаш Работнички имаше добра екипа,т ука беа уште Тихо Михајлов, Цветан Петровски-Куко, Савовиќ, Књазев кој се разви во репрезентативен играч, Дрнков, Мировски, браќата Ѓуковиќ, Лечиќ, Јоле Јовановски…Потоа дојдоа браќата Луковски, Андоновски, Ѓоргевски, Боцевски, по нив Радосављевиќ и Георгиевски и КК Работнички со Лечиќ почна да го добива вистинскиот лик и да биде опасен противник за секој ривал, ја заврши својата приказна пред да замине во вечноста Стефан Тодоровски-Цефи,пионерот во макледонската кошарка.
Цефи навистина беше голем човек, голем тренер и педагог, а јас како новинар имав привилегија долго време да соработувам со него и да научам многу нешта врзани за кошарката и за спортот воопшто.
НОСИТЕЛ НА ЗЛАТЕН ПРСТЕН
За постигнувањата во кошаркарскиот спорт покрај бронзената,сребрената и златната плакета од КСЈ, Цефи е носител и на највисокото признание ,,златен прстен,,.
За жал прстенот и сета колекција од трофеи заминаа во рацете на крадците, кои пред многу години ни го обија семејниот стан и украле се што им дошло до рака…
КАМПОВИТЕ ПРИДОНЕСОА ЗА ПОДЕМОТ
Стефан Тодоровски, кој до своето пензионирање беше вработен во КСМ извршуваше и многу значајни функции. Тој беше член на Стручниот совет и на Претседателството на КСЈ, Цефи своевремено беше иницијатор за формирање и на македонската тренерска организација.
Благодарејќи на разбирањето што го имаше кај првите луѓе на Федерацијата неговите идеи можеа лесно да се реализираат. Но,од многуте нешта што ги направи , се чини дека најголем бенефит кошарката имаше од Летните кампови. На нив имаше предавачи од повеќе земји,така во Струга каде се одржуваа камповите ,а на кои присуствуваа повеќе од 200 момчиња и девојчиња,доаѓаа предавачи од САД – петмина од Италија, од Србија.
Лична карта: Стефан Тодоровски-Цефи
Роден: 1929 година во Скопје
Почина: 2016 година во Скопје
Играчка кариера:КК Вардар,КК Работнички,репрезентација на Македонија
Тренерска кариера:КК Работнички,репрезентација на Македонија,прв претседател на Тренерската организација на КСМ и член на Стручен совет на КСЈ
Успеси:Пласман на КК Работнички во Прва Б,а потоа и Прва А југословенска сојузна лига