Основниот кривичен суд Скопје, денеска ја објави пресудата за предметот против Стевче Јакимовски, кого го прогласи за виновен заедно со уште едно обвинето лице.
„Двајцата обвинети ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и ги осуди на начин што: С.Ј. се осудува на единствена казна затвор во траење од 3 години 6 месеци, додека Т.Ѓ. му изрече алтернативна мерка – Условна осуда во траење од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело“, велат од Кривичен суд.
При денешната објава на пресудата судијата ја изрази својата загрижност што оваа постапка трае повеќе од 6 години, како и дека за истото нема разумно оправдување.
„Откако постапката почна одново, поради промена на претседателот на советот, а како странките се согласија претходно изведените докази да бидат прочитани, за помалку од една година, овој предмет заврши во прв степен. Со оглед дека поради измените на Кривичниот законик во однос на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, застареа стотици предмети, а како Јавното обвинителство ја продолжи кривичната постапка против обвинетиот С.Ј, по наоѓање на овој суд не може да стане збор за продолжено кривично дело, бидејќи ниту временски, ниту пак според начинот и приликите на сторување може да стане збор за такво дело, па од тие причини судот донесе пресуда со која го одби обвинението од став I точка 1 и точка 2 од Усогласениот обвинителен акт, согласно член 402 став 1 точка 6 од Законот за кривична постапка, бидејќи кривичното гонење не може да се преземе поради застареност“, стои во образложението на пресудата.
Јакимовски беше обвинет за новата административна општинска зграда која без одобрение била изградена, а отпосле била барана легализација иако објектот е граден по крајниот рок на градба од 2011 година.
„Првообвинетиот како градоначалник, во име и за сметка на правното лице – општината, во својство на инвеститор спротивно на чл.56 и 57 ст.2 и чл.63 од Законот за градење, без Одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа со што сторил кривично дело Бесправно градење. За објектот во 2016 година поднел Барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти од локално значење“, стои во обвинителниот акт.
Јакимовски според обвинението како градоначалник ја злоупотребил својата положба и при легализација на други бесправно изградени објекти, како и при продажба на државно земјиште во рамките на општина Карпош за пониска цена од пазарната. Обвинителството тврдеше дека со тие кривични дела, во кои првообвинет е Јакимовски, направена е штета на буџетот на општина Карпош од над 14,6 милиони денари (околу 238 илјади евра) и штета на државниот буџет во висина од над 31 милиони денари (околу половина милион евра).