Зоран Михајлов
Легендарниот ракометар Стефановски беше член на првата македонска репрезентација. Беше и селектор на националниот тим на првиот настап на СП во Египет 1999 година. Следната година како тренер на Ал Рајан, покрај триумфите во првенството и Купот на Катар, првпат во историјата на клубот го освои и Купот на арапските земји
Стевче Стефановски, покрај тоа што остави печат на еден долг период од близу 20 години пред распадот на поранешната СФРЈ, ја испишуваше својата ракометна историја и по осамостојувањето на Македонија. По оние забележителни настапи на стартот од кариерата во Пелистер, кога беше прогласуван и за најдобар млад голман во поранешната држава, тој ги бранеше боите и на уште два наши реномирани ракометни колективи, Тутунски комбинат и Борец, со што на некој начин даде придонес и во резултатите на двата тима, кои во минатото, па и денес, значат нешто во македонскиот ракомет.
– Настапите за Тутунски комбинат и за Борец ми останаа во убаво сеќавање. Престојот во Прилеп и во Велес ми овозможи да добијам и спортски пријатели, со кои другарувам и денес. Кога одам во двата града, се чувствувам толку пријатно како и јас да сум пораснал таму. Таа блискост со прилепчани и велешани не можам да ја опишам, тоа е нешто што останува за навек во мојата меморија – вели Стефановски.
Но Стефановски беше успешен и ги демонстрираше своите голмански квалитети и во Црна Гора. Тој имаше голема заслуга што екипата на Ловќен од Цетиње во 1990 година првпат стана член на Првата сојузна лига.
– Овој пласман во елитата, во поранешната држава, долго се славеше во Цетиње, па и во цела Црна Гора. Потоа се вратив во Битола, но на молба на луѓето од Тутунски комбинат дојдов во Прилеп, каде што останав само шест месеци за да му помогнам на клубот да ги оствари поставените цели.
НА ЛЕМГО – НЕ САКАМ ДА СЕ СЕЌАВАМ!
По распадот на поранешна Југославија, Македонија стана самостојна држава и имаше и своја ракометна лига. Тогаш егзистираа повеќе квалитетни клубови (Вардар, Борец, Младост Богданци, Јафа Ресен, Тутунски комбинат, Шевро Куманово, Металург и се разбира Пелистер). Што се однесува, пак, до постигнувањата на меѓународен план, најдалеку дотурка токму Пелистер, во кој една од главните алки беше искусниот Стевче Стефановски.
– Тренер во клубот беше Зоран Нишевиќ, со кого и во минатото често ни се вкрстуваа патиштата. Тој беше стручњак со големо искуство и знаеше да вкомпонира добра екипа, која ќе може рамноправно да се справи и со најсилните противници – се присетува Стефановски.
Пелистер, пред распадот на поранешната држава, веќе подолг период беше единствен претставник од Македонија во Првата сојузна лига. Можеби затоа тој беше магнет за тренерите, па, така, се случи во него да дојде и Касим Каменица, кој се прослави со оној триумф на младата југословенска репрезентација на СП во Риека во 1987 година.
– Во негово време продолжи оној тренд што беше создаден во ерата на Костелиќ и Мунитиќ, па, така, кога се распадна државата и се формира Македонската лига, Пелистер веќе стратегиски беше подготвен за новиот предизвик. Јас бев уверен дека тимот во кој ја почнав кариерата (тогаш под името Пелагонија), има добра основа и традиција да зачекори по патот на успехот во самостојна Македонија – истакна Стефановски.
И навистина беше така. Битолчани во чиј состав, сега на некој начин како лидер, се наметна Стефановски, играа една од главните улоги во шампионатот и во Купот на Македонија. Така, во 1996 година кога беше освоен Купот, а Пелистер ја претставуваше нашата држава во Купот на куп-победниците.
– Токму во таа сезона го постигнавме и најголемиот успех, но жалам што не стигнавме до финалето. На патот до завршниот меч ни се испречи германски Лемго. На овие две средби и не сакам да се сеќавам, бидејќи тие предизвикуваат кај мене некој внатрешен бес. И денес кога ми се враќа сликата од реваншот во Битола, ми е мака. Салата беше преполна, повеќе од 6.000 гледачи, а нас само десетина секунди нѐ делеа од конечниот триумф. Тогаш по последната контра Германците постигнаа гол и нѐ елиминираа. Затоа воопшто не сакам да се сеќавам на Лемго, не ги гледам ниту снимките од дуелите со него. Мојата тага е уште поголема и поради фактот што во претходната рунда ја елиминиравме екипата на Киелце од Полска, која можеби беше и посилна од Лемго. А, за денес и да не зборувам. Но, ете, таква ни била судбината.
НА ГОЛОТ ВО ПРВИОТ НАЦИОНАЛЕН ТИМ
Паралелно со бранењето во Пелистер, на почетокот од 90-те години од минатиот век се формира и македонската ракометна репрезентација. Стефановски беше член на првиот национален сениорски состав.
– Иако мина долго време од таа 1993 година, добро се сеќавам на првиот натпревар на репрезентацијата. Тоа беше дуелот на „Купот на Карпати“ во Орадеа, a игравме против домаќинот Романија. Сите бевме некако возбудени. Тоа беше и нормално, зашто игравме со грбот на нашата Македонија. Селектор беше легендарниот Славе Атанасовски-Чаве, а тренер мојот колега од голманската позиција, исто така легендарниот Ванчо Јовановски. Од оваа средба се сеќавам на едно шише што заврши во главата на Пепи Манасков во моментите кога тој изведуваше пенал! Ете и тоа се случи на еден таков меѓудржавен, а за нас прв натпревар – се присетува Стефановски.
Стевче често се сеќава на репрезентативниот период.
– Другите репрезентации имаа традиција и долго време учествуваа во натпреварите. Мојата генерација, пак, тогаш го чистеше патот за идните генерации, оние што доаѓаа, па и за оваа денешнава, која почна редовно да игра во завршниците на големите приредби. Условите што ние ги имавме беа доволни колку да опстанеме, за разлика од денес, кога репрезентацијата ги има сите неопходни погодности. Тоа е добро, зашто само така може да се напредува и да се оди напред – вели Стевче
Тој опиша и една случка што најубаво говори за тоа каква беше тогаш „грижата“ за репрезентацијата.
– Патувавме за Кошице, каде што требаше да го одиграме реваншот со Чешка за настап на ЕП. Во Скопје на првиот меч победивме со шест гола разлика, што значи дека имавме шанси во реваншот. Меѓутоа, патувањето беше многу лошо организирано. Минавме цел ден во автобус со едно шише вода! Кога застанавме на граничниот премин за влез во Чешка, забележав еден котел и од љубопитност отидов да видам што има во него. Кога видов дека се варат колбаси, онака изгладнет, купив од нив и почнав да јадам. Кога ме видоа другите и тие дотрчаа до котелот и со колбасите, кои не беа ни доварени, го „убија“ гладот. Такво беше тоа време, а што се однесува до средбата, само за еден гол испуштивме шанса за првпат да настапиме на ЕП – со насмевка раскажува Стефановски.
Затоа, пак, во следниот обид Македонија успеа да се пласира на ЕП во Италија во 1998 година.
– Тогаш на првенствата учествуваа само 12 селекции поделени во две групи. Тука беше собран европскиот ракометен крем, репрезентации со многу титули, со голем квалитет и висок рејтинг. Затоа ние бевме среќни само од фактот што учествувавме на ова ЕП – вели за тој прв настап на една голема приредба, Стефановски.
СЕЛЕКТОР НА СП ВО ЕГИПЕТ
Набрзо по настапот во Италија, Стефановски од челниците на РФМ беше назначен за селектор на нашата репрезентација.
– Бев изненаден кога ми ја соопштија одлуката. Навистина беше голема чест да се биде селектор на националниот сениорски тим, со кој, пак, за радост на спортските љубители, обезбедивме пласман за нашето прво учество на СП, кое се одржа во Египет во 1999 година. Таму во конкуренција на 24 репрезентации го освоивме 18-то место. За прво учество на најголемата ракометна манифестација, тоа беше и добар пласман. Но од сето тоа многу побитен беше фактот што се слушна за нас. Тогаш практично почна да се отвора патот кон елитата, а оние што нѐ наследија го продолжија чекорењето по европската и светската сцена. Жалам што во два наврата, иако имавме шанса, ете не успеавме да се пласираме на Олимписките игри (ОИ). Навистина е штета за генерацијата извонредни ракометари како што се Лазаров, Ристевски, Јоноски, Стоилов, кои не го почувствуваа духот на олимпизмот. Но за сѐ има време, па да очекуваме еден ден нашиот ракометен репрезентативен тим да го видиме и во олимписката арена.
КАТАРСКАТА ЕПИЗОДА СО ТРИ ТРОФЕИ
Стевче Стефановски не само што достигна целосна афирмација како голман, тој со своите познавања беше длабоко навлезен во ракометната игра и успешно „заплови“ во тренерските води. Иако млад тренер, тој го достигна својот врв уште на стартот. По СП во Египет, Стефановски ја прифати поканата да биде тренер на еден од најпопуларните клубови во Катар, Ал Рајан.
– Она што го постигнав со овој клуб и денес се споменува во Катар. Ние не само што ги освоивме првенството и тамошниот Куп, туку станавме победници и во Купот на арапските земји. Во ова натпреварување учествуваа сите прваци од арапските земји, не само од Азија туку и од Африка. Тоа е натпреварување слично на пример на Лигата на шампионите во Европа. Во финалето, кое се играше во Шарџах, предградие на Дубаи, го совладавме првакот на Египет Замалек. Таа победа беше рамна на подвиг, оти во Замалек, покрај повеќето странци, играа речиси сите репрезентативци на Египет, предводени од светски познатиот Зеки. По овој триумф, во Доха бевме пречекани како херои. Околу 5.000 навивачи имаше на аеродромот, а близу 35.000 беа излезени на улиците на главниот град на Катар, да нѐ поздрават и заедно со нас да го прослават големиот успех – со задоволство појаснува Стефановски.
Познавајќи го менталитетот на играчите од арапскиот свет, за да може да ги насочи со мислите само на ракометот и на она што ги очекува, Стефановски ги одведе во „изолација“ ракометарите, односно на 30-дневни подготовки во Сирија.
– Тие, така беа далеку од својата средина и не можеа секојдневно да комуницираат со „своите“. На тој начин успеав да ги задржам дисциплината и концентрацијата на едно високо ниво, што резултира со големата победа. Инаку, освојувањето на Купот на арапските земји му причини најголема радост на сопственикот на клубот, шеикот Мишел Алтани, син на емирот на Катар. Тој, што беше пак вистинска реткост, нѐ прими во неговата вила, во која дотогаш, како што слушнав, стапнале само десетина гости, и тоа од највисок ранг! Тоа беше голема чест за мене и за моите ракометари – вели голманската легенда Стефановски.
Но поради познатите настани во Македонија во 2001 година, Стефановски се врати во Битола да биде со семејството и со тоа го прекина двегодишниот договор со Ал Рајан. Не можејќи без ракомет, а бидејќи со срце и со душа, како што вели, му припаѓа на Пелистер, тој прифати да му биде помошник на Романецот Богдан Маковеј, кој со Кометал ЃП стигна и до европската титула.
– Ситуацијата за гледачите беше малку чудна. Маковеј беше главен тренер, а јас ја водев екипата за време на натпреварите. Тоа беше договор со Маковеј, оти јас благодарение на огромното играчко искуство, бев поголем тактичар од него. Знаев во кој момент како да изреагирам и да одберам тактика што најмногу одговара на тимот во кој тогаш настапуваа Мојсовски, Макалоски, Секулиќ, Митков, Јоноски. Најмногу жалам што во 2003 година не го освоивме Челенџ-купот. Во финалето бевме поразени од дански Скјернен. Во реваншот, иако допатувавме со шест гола предност од мечот во Битола, не успеавме да ги зачуваме и останавме без тој европски трофеј – се присетува Стевче.
Потоа дојде до разочарување, а и до некои несогласувања во клубот, по кои Стефановски се повлекува од тренерската позиција.
– Сега бранам за екипата на ветерани на Македонија, а срцето силно ми чука за Пелистер, мојата најголема ракометна љубов – дециден е Стевче Стефановски, битолската и македонска ракометна легенда.
Лична карта
Роден: во 1959 година во Битола
Кариера: Пелистер, Тутунски комбинат, Борец, Ловќен, репрезентација на Македонија
Успеси: Освоени пет купа и четири шампионати на Македонија со Пелистер
Тренерска кариера: Пелистер, Ал рајан од Катар, селектор на Македонија
Успеси: Селектор на Македонија на првото учество на СП во Египет во 1999 година, освоен Куп на арапските земји со Ал рајан од Катар, освоено првенство и Куп на Катар со истата екипа