Зоран Михајлов
Бранејќи го голот на популарниот Пелистер, Стефановски стана славен меѓу голманите.
-Тој беше член и на првата македонска репрезентација по осамостојувањето на нашата држава,потоа и селектор на националниот тим.
-Титула со катарскиот Ал Рајан во Купот на земјите од арапскиот свет.
-Со срце и душа со – Пелистер!
Еден од оние што го градеа патот на македонската ракометна репрезентација,за да се стигне до денешната афирмација и рејтинг што го има нашиот национален тим, секако беше Стевче Стефановски. Тој своевремено беше вистински ракометен маг, човек кој стоејќи меѓу стативите правеше вистински чуда. Некогаш знаеше да одбрани и серија од неколу удари од седум метри , каков што беше случајот на мечот со Партизан од Белград –со дури седум одбранети пенали! Сето тоа ги доведуваше во очај противничките ракометари,кои тешко го наоѓаа патот до мрежата. И кога ќе испратеа вистинска „бомба“ кон голот тука на гол-линијата или неколку метри пред неа беше Стефановски кој мајсторски ја скротуваше топката. Беше голман со големи квалитети,кои почна да ги манифестира уште од младите години. Маѓепсан од ракометната игра која на почетокот од 70-сеттите години од минатиот век беше во голем подем во Битола Стефановски како 14-годишно момче дојде во тогашна Пелагонија, сегашен Пелистер и застана меѓу стативите.
-Тоа навистина беше еден период во кој ракометот беше спорт број еден во Битола,ј а почна својата приказна Стевчe Стефановски. Причина за тоа беше тогашната Пелагонија,која во 1971 година стана член на Првата југословенска лига. За жал таму остана само една сезона, но и тоа беше доволно ние младите да се „загрееме“ за ракометниот спорт. Јас со неполни 14 години отидов во клубот и застанав на голот. Тоа беше возбудлив период во мојата кариера и мојот живот воопшто,зашто ракометот од таа- 1972 година стана мое секојдневие.
Трајковски прв и единствен тренер
Стефановски убаво се сеќава на првите ракометни доживувања. Секогаш,па еве и од оваа временска дистанца не заборава да каже дека негов прв и единствен тренер бил Бане Трајковски. Со него, за кого со гордост зборува дека бил негов тренер,Стефановски ја изучуваше ракометната абецеда.
-Кој што сака нека каже, меѓутоа Бане беше оној вистинскиот учител за голманите, продолжува Стефановски. Тој одлично го имаше совладано својот занает. а беше голем и како човек. Кога ми беше најтешко тој беше покрај мене, пред мене и зад мене зад голот – насекаде. Неговата поддршка беше голема како планина, особено кога ќе имав лош ден и слаба одбрана. Како млад често ми се случуваше формата да ми варира-знаев на еден натпревар да блеснам, а три потоа да ги одиграм слабо. Но,сето то се припишуваше на младоста и неискуството.
Потоа,колку времето одминуваше Стевче стануваше се посигурен, а со тоа добиваше и поголема минутажа. Неговиот напредок беше евидентен, па во две сезони во спортското списание „Темпо“ кое излегуваше на подрачјето на поранешната држава и имаше голем тираж,беше прогласуван за најдобар млад голман во сите сојузни лиги во Југославија.
-Не беше мала работа да бидеш прв во нешто во една држава со повеќе од 22 милиона жители. Тоа ме правеше горд, но исто така ме поттикнуваше да продолжам со уште поголем елан да чекорам на ракометните терени.
За Стевче Стефановски се зборуваше како голман со големи потенцијали и блескава иднина.
-Некој можеби нема да верува меѓутоа јас многу учев од ракометните книги. Она што беше на тренингот е една, а она што ќе го видев во литературата беше друга работа. Но, двете се надопопнуваа. Од книгите научив многу работи за елементите што треба да ги содржи тренингот на голманите. Потоа какво треба да се постави кога брани удар од најразлични позиции-од крилата, бековите, пивотот. Токму преточувајќи ја теоријата во практиката јас бев еден од првите голмни во Македонија што излегував на 4 метри од голот. Публиката прво беше изненадена, а подоцна откако таквиот начин на бранење даваше резултат сфати зошто е тоа така. Како голман секогаш мечтаев за некои иновации.
Одбранета серија од седум седмерци!
Стевче Стефановски,како и секој врвен спортист има најразлични доживувања. Тој во првите години откако стана стандарден голман на битолски Пелистер, се сеќава на два момента.
-Едниот е, вели Стевче, кога добив удар со топка во глава, а вториот е кога на една средба одбранив во серија седум пенали! Во првиот случај, тогашниот југословенски репрезентативец и капитен на нациомалниот тим Недељко Јовановиќ упати страотен удар по кој топката заврши во мојата глава. Јас се струполив на паркетот, за потоа да продолжам да бранам. За среќа брзо дојде полувремето и тука завршија моите маки. Му кажав на тренерот дека чувствувам мачнина и не сум во состојба да го продолжам мечот. Подоцна лекарите констатираа дека сум имал потрес на мозокот!
Втората случка е многу попријатна. По неа тој го доби епитетот „специјалист“ за одбрана на пенали. Имено на мечот со Партизан, Стефановски одбранил дури сите седум пенали! На крајот од средбата нормално добил честитки од своите, но и од противничките играчи. Тоа била најубавата награда за феноменалната одбрана.
-Пенал-одбраната во печатот беше оценета како првокласна сензација. Сите љубители на спортот, посебно симпатизерите на Пелистер се фалеа пред другите, а мене ме величаа дотаму што зборуваа дека нема таков голман во Југославија. Така е тоа кога ќе имаш ден и кога ќе ти тргне.
Стефановски често имаше добри одбрани на седмерци и на многу значајни натпревари. Така,тој во едно финале на Купот, кога во екипата беше и Пепи Мансков, а на кормилото се наоѓаше познатиот тренер Нишевиќ, одбрани 4 пенали.
-За да имам добри одбрани многу ми помагаше што ги знаев карактеристиките на сите играчи, вели Стефановски. Имав една тетрака и во неа беше запишано се- за секој играч. Знаев кој како шутира од бековска и од крилна позиција, потоа од позиција на пивот, кој како изведува пенал. Сето тоа беше запишано во мојата тетратка, така што немаше промашување, освен ако некој од ракометарите драстично не го смени ударот и ме изенади.
Не само голман,туку и стрелец
Иако голман Стефановсски често занеше да ја прочита ситуацијата, да излезе од шестерецот да ја „пресече“ топката, а потоа на контра или пак од далечина да постигне гол. Тоа се случуваше неколку пати, па така оние постарите и поискусни играчи од противничкиот тим знаеја често да кажат чувајте го голманот. Помладите пак што не го познаваа Стевче се чудеа во што е работата! Дури ако се случеше Стефановски да постигне таков гол ќе им станеше јасно зошто постарите ги предупредуваа и велеа да внимаваат на голманот. Ете и по таа „голгетерска“ особина беше познат битолскиот чувар на мрежата.
-Еден од поубавите такви голови постигнав во Зрењанин. Ја пресеков топката и на контра дадов гол. Во првиот момент сите беа изненадени, а по неколку моменти одекна аплауз во салата, се сеќава Стефановски.
Инаку,во својата долга кариера Стевче работеше со многу тренери. Во 1984 година во Битола дојде и Анте Костелиќ таткото на Јаница и Ивица, светски познатите скијачи.
-Тој беше вистински деспот. Кај него се тренираше по двапати на ден. Беше многу ригорозен кон оние што доцнеа или беа недисциплинирани на тренинзите. Секое задоцнување на тренинг повлекуваше и соодтветна казна во зависност од тоа колкаво било задоцнувањето. На пример- 5 минути казна од десет германски марки, 10 минути двојно поголема казна… Фрчеа казни и за недисциплина на тренингот, но тоа изгледа така требаше да биде за да се разбуди свеста кај секој од нас . Тоа беше предупреување дека треба да бидеме дисциплинирани и исполнителни зашто само така може да постигнеме подобри спортски резултати.
-Навистина со Костелиќ беше тешко, но и поучно. Тогаш сфативме каков треба да биде еден вистински професионалец во спортот. Затоа не беше и случајно што ќерката и синот на Анте,кои првите скијачки вештини почнаа да ги изучуваат на Пелистер, стигнаа точлку далеку и освојуваа медали на Светските првенства и Олимпијадите, а беа побдници и во многу трки во Светскиот куп во алпско скијање. Сетоа тоа беше резултат на една дисциплинирана и сериозна работа.
Во времето на Костелиќ по сила на приликите Стефановски го напушти голот и стана играч!
-Сето тоа се случи некако на брзина, вели Стефановски. Цане Крстевски на еден натпревар ја скрши раката, Ранко Божиновиќ замина од клубот, па така во недостиг на играчи јас бев прекомандувам од голот на теренот. А, рака на срце тогаш имаше и добри голмани. Тука беше еден Ванчо Јовановски, потоа Кочовски, Атанасовски –сите добри голмани, па беше прашање во таа конкуренција колкава минутажа ќе имам.Така,почнав од крило, па ги изредив сите позиции –лев, десен и среден бек, не играв само пивот. И ова беше интересен период во мојата кариера, кој заврши со заминување на отслужување на воениот рок.
По враќањето од тогашната ЈНА, Стефановски гледајќи напред кон иднината и покрај преголемата љубов кон ракометот се одлучува сепак предност да му даде на факултетот.
-Јас бев запишан на Правниот факутет, вели Стефановски и бев цврсто решен да го завршам. Имав положено неколку испити и си помислив зошто да не продолжам. Така, ракометот го ставива на втор план.
По заминувањето на Костелиќ , за тренер во Пелистер дојде уште едно познато име – Иво Мунитиќ. Тој ,исто како и Костелиќ бараше професионален однос од своите ракометари. Стефановски, со оглед на онаа амбиција дека мора да го заврши факултетот, не можеше да одговори на обврските што беа наметнати од Мунитиќ, решава кариерата да ја продолжи во Тутунски комбинат во Прилеп.
-И Тутунски беше квалитетен клуб, се сеќава Стефановски, но таму некако беше полесно да се тренира, немаше толкаво оптоварување како во Битола. Покрај тоа прилепчаните беа многу коректни и ги прифатија моите барања што се однесуваа на факултетот. Овде имав обврска двапати во неделата да доаѓам на тренинг, да ги играм и натпреварите, но под услов тој ден да немам испит. Значи, имав комплетна слобода да се посветам на факултетот. Се сеќавам на еден меч со Партизан во Белград. Екипата отпатува со автобус, а јас остганав да полагам испит во Скопје. Другиот ден ми обезбедија билет за авион, па така стигнав навреме на натпреварот. Ете, толку беа широки прилепчани кои ја сфатија мојата ситуација и така ми помогнаа да ги полагам редовно испитите.
Потоа кариерата на нашата ракометна легенда продолжува во Борец од Велес, а имаше еден едногодишен излет и во Ловќен од Цетиње. За оваа екипа одлично одигра и многу и помогна за прв пат таа да се пласира во најсилната југословенска лига. Потоа повторно шест месеци е голман на Тутунски комбинат, за конечно да се врати во Битола и да ја заврши кариерата во Пелистер. .
Лична карта-Стевче Стефановски
Роден 1959 година во Битола
Кариера: Пелистер,Тутунски комбинат, Борец, Ловќен, репрезентација на Македонија.
Успеси: Освоени 5 купови и 4 шампионати на Македонија со екипата на Пелистер.
Тренерска кариера: Пелистер, Ал Рајан од Катар , селектор на Македонија.
Успеси: Селектор на Македонија на првото учество на СП во Египет во 1999 година, освоен Куп на арапските земји со Ал Рајан од Катар, освоено првенство и Куп на Катар со истата екипа.