Професорот Ратко Ѓукановиќ (65), еден од најдобрите светски експерти за астма и хронично опструктивно белодробно заболување, заедно со двајца негови колеги од Универзитетот во Саутемптон, дошле до големо откритие во третманот на пациенти заразени со коронавирусот.
Српскиот стручњак и професори Стефан Хојгејт и Дона Дејвис откриле пред 20 години дека интерферон бета протеинот кој помага при настинки недостасува кај оние кои страдаат од астма и хронични заболувања на белите дробови. Врз основа на тоа, нивната компанија „Синерџен“ ја разви неговата замена која им помага на пациентите со вирусни заболувања, пишува „Гардијан“.
Клиничката студија на нивниот лек SNG001, базирана на интерферон бета, беше завршена пред неколку дена и покажа дека пациентите заразени со коронавирусот имаат два до три пати поголеми шанси за закрепнување со оваа терапија отколку со плацебо. Примерок од 101 пациент открил дека шансите за развој на тешка форма на болеста се намалени за 79 проценти, додека чувството за губење на здивот исто така е драстично намалено.
Главниот извршен директор на „Синерџен“ Ричард Марсден е пресреќен од резултатите.
„За нив нема ништо подобро кога ќе видат дека нивниот лек ги лекува вистински пациентите, а притоа заработуваат пари“, рече Марсден откако акциите на неговата компанија скокнаа за 540 проценти неколку часа по објавувањето на студијата на 21 јули.
Од почетокот на годината, вредноста на овие акции се зголеми за неверојатни 3.000 проценти.
Бидејќи сите тројца научници имаат удел во компанијата, тие практично станаа милионери преку ноќ, така што 0,56 проценти од акциите на д-р Ѓукановиќ сега вредат 1,6 милиони фунти (околу 1,75 милиони евра).
Клиничката студија беше проширена на пациенти со поблага форма на болеста, додека фармацевтската компанија „Рентслер“ доби наредба да произведе милион дози пред следниот бран на епидемијата, што се очекува во Велика Британија за зимата.