Добро е кога човек чита многу. Или барем сурфа по недобројните портали. Ќе научи нешто. Ќе се наобрази уште нешто. Ќе се просветли.
Така вчера летам преку насловите, ќе зафатам по некоја воведна реченица и бегам, летам понатаму. Не сакам да се заразам, да не ме префати шугата.
Арно ама, нема бегање. Инфицирани сме одамна, сега сме во фаза на инкубација или како и да се вика. Кажано на македонски, ни влезе чивијата на политиката, сега ќе ја трпиме. Па, нека чини колку ќе чини.
Како да го избегнеш следново генијално достигнување на нашата наука, техника, организација, што и да е: Пет и пол децении по скопскиот земјотрес, во населбата Маџир Маало почна да се гради фекална и атмосферска канализација, се вели во веста. Општина Центар ја заврши изградбата на улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“, со која за прв пат се постави фекален колектор и канализација во должина од 650 метри. Во изминативе месеци беше поставен нов асфалтен слој и беше оформена пешачка патека долж целата улица, информираат од општина Центар. Со зафатот се изврши и приклучување на фекалната канализација од Маџар Маало со постојната мрежа во општина Аеродром.
Веста оди и натаму, но нема потреба повеќе да се труете. Сепак, нешто мора да го споделиме. Пет и пол децении по големиот земјотрес, Маџир Маало, центарот на престолнината, конечно добива фекален колектор и канализација. Па, да беше ова некое Свирипичино во најзабутаната општина на Македонија, ајде некако и да се сфати оваа вест. Ама, центарот на Скопје!?
И тука веднаш да пресечеме. Не е ова фалба за овој или кудење на оној. Во Центар се изнаредија и леви и десни градоначалници, а богами и градот Скопје имаше и сеуште има одредени ингеренции, демек како центар на главниот град. И како е можно сите тие леви и десни градски татковци да се однесувале како очуви за овој дел на градот. Или, да ја парафразираме познатата реклама „Скопје и се е можно“.
Од друга страна, ако е тоа некаква утеха, барем жителите на помалите места во земјава ќе можат да се тешат – ако е вака во центарот на Скопје, како да очекуваме да се средат работите кај нас. Има време. Можеби нови 55 години.
Димче Калешко