Додека ги трпите маките на депилацијата, подготвувајќи се да влезете во новото комплетче специјално пазарено за романтичната вечера која традиционално ви следува за 8. март, драги жени можеби не е лошо барем еднаш во годината да размислите за вистинското значење што со себе го носи датумот поврзан со правата на жените.
Историчарите сè уште не можат да утврдат дали на 8 март во 1958 година навистина се случил штрајкот на текстичните работнички во Њујорк, но со сигурност може да потврдиме дека жените организирани во социјалистичките движења во САД, во 1909 година за прв пат одржале комеморативен марш во чест на штрајкот на нивните претходнички. Тоа е воедно и првото организирано одбележување на 8. март – Меѓународниот ден на жените.
Знам дека на многумина им е мачно од часови по историја, особено ако темата не е поврзана со Античка Македонија, но јас на ваков ден не можам да го прескокнам мојот најомилен историски лик, Роза Луксембруг.
Малечка по раст, од скромно потекло и со реално малку шанси за просперитет во родната Полска, Роза заминува за Германија, каде заедно со својот ментор Клара Цеткин завзема значајно место во Социјалстичката партија и е една од пионерките во поврзувањето на прогресивните движења за социјална и родова еднаквост од целиот свет. Многу интересен податок е што притисната од емиграционата агенција на Германија, Роза била принудена својот статус во оваа земја да го регулира со фиктивен брак. Во 1997 година таа се мажи за Густав Лубек, на кого недвосмислено му кажува дека нема намера да живее во иста куќа и да ја дели неговата постела, а по пет години и формално се разведува со него. Ако ова денеска е типична гастербајтерска рутина, тоа на прагот од 20-тиот век претставувало скандал од невидени размери. Го имам замислувано сиротиот Густав како се обидува да ѝ се додвори на Роза и некако да ја приволи да ако ништо друго му зачисти по дома, купувајќи ѝ на пример букет со цвеќе или едно шишенце парфем, но секој негов обид завршил со едно суптилно но и очигледно превртување на очите од страна на Роза.
Луксембург е еден од најславните антивоени активисти во целокупната историја. Кога Социјалстичкитата партија на Германија го поддржува учеството на Германија во Големата војна(Прва светска војна), таа ја напушта својата партија и ја формира Лигата на Спартак, обединувајќи ги во едно сите значајни работнички движења во земјата.
По крајот на војната таа им се спротивствавува на обидите на своите сопартијци од лигата, со насилство да се преземе власта во земјата, но и покрај тоа зема активно учество во Спартаковото востание, кое на почетокот од 1919 година избувнува во Берлин. Востанието по еднонеделни улични борби на барикадите е задушено во крв, а Роза иако им се предава на властите таа е стрелана без судење, а нејзиното тело е идентификувано откако по два месеци е извадено од река.
Во една прилика Роза Луксембург има кажано дека „слободен може да биде само оној што се чувствува поинаку од другите“.
Тие другите денеска ќе добија подароци, честитки и масажа на стопалата. Децата збунето ќе им го честитаат „денот на мајките“, а сопрузите ќе им кажат дека на овој ден не се зачистува по дома. Нека остават за утре.
(Преземено од Фејсбук)