Еден од најуспешните млади физичари во Србија и еден од најдобрите студенти на Универзитетот во Кембриџ, 22 годишниот генијалец Михајло Спориќ, денеска ќе биде погребан во Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта во Белград. Тој е најмладиот заслужен граѓанин кој ќе почива овде.
Спориќ почина на 22 години по неколкугодишна борба со неизлечива болест. За време на својот кус, но исклучително богат и успешен живот тој е прогласен за најуспешен млад физичар во светот, ги има освоено сите светски натпревари по физика, а животот го заврши како најдобар студент на Универзитетот во Кембриџ.
Михајло кој има завршено два факултети, Физика и Електротехнички, само еден месец преда да замине на колеџ во Кембриџ, му е дијагностициран карцином. Универзитетот му ги обезбеди сите потребни услови, сместување и нега. Неговите родители и сестра му имаа соба до неговата, да му бидат цело време “при рака“ .
“Додека траеше лечењето професорите му предаваа во болничката соба. Не сакаше било кој да знае дека е болен, и цело време беше уверен дека ќе оздрави. Минатата година му беше многу подобро и сите се надевавме дека најлошото помина. Но, пред еден месец болеста се врати – вели директорот на гимназијата каде што учеше Михајло.
Тринити колеџот на овој Универзитет прогласи тридневна жалост по смртта на Михајло. Знамето на неговата гимназија во Белград е спуштено на половина копје.
Родителите на младиот генијалец побараа парите за цвеќиња и венци, да бидат донирани во здружение за неизлечиви болести во Белград.