Тајниот документ за конечно решавање на границите на Балканот, т.н. словенечки „нон-пејпер“, чии детали беа објавени вчера од сајтот „Нецензурирано“, е замислен како промена на територијата долж постојните граници, кои се или официјални или постојат во официјални документи (како што е Бриселскиот договор за формирање на ЗСО на Косово). Целта на документот, наводно, поддржан од словенечкиот премиер Јанез Јанша е создавање на три големи држави – „Голема Србија“, „Голема Албанија“ и, како што се наведува, „решавање на хрватското национално прашање“. Во исто време, Босна и Херцеговина би се намалила на половина од сегашната територија.
„Голема Србија“
Република Србија би била составена од сегашната територија, без Косово, но со целата Република Српска во рамките на нејзините Дејтонски граници. Ова значи дека, според „нон-пејперот“, границите на Србија би се протегале сè до Бања Лука и најзападната точка би била брегот на реката Уна. Според овој план, територијата на Заедницата на српски општини на Косово формално не би и припаѓала на Србија, но би имала голема автономија и многу блиски врски со Србија.
„Голема Албанија“
Албанија и Косово, со своите сегашни територии, ќе се обединат и ќе формираат една држава – Албанија, која ќе се протега сè до јужниот дел на Косовска Митровица. Делови на Косово, населени со Срби – ЗСО – би имале автономија како Јужен Тирол. Ова значи дека тие формално би припаѓале на Албанија, но во политичка, културна и каква било друга смисла, тие би биле далеку повеќе насочени кон Србија. „Нон-пејперот“, како што официјално е наведено во него, не предвидува проширување на Албанија на територијата на Северна Македонија каде што живеат Албанци и општина Прешево во Србија, која исто така е претежно населена со Албанци.
„Решение за хрватскиот национален проблем“
Кантоните со мнозинско хрватско население во БиХ, претежно во Западна Херцеговина, би формирале посебен ентитет и се предложени две опции за нивната понатамошна судбина. Првиот предвидува целосна спојување на овие кантони кон Хрватска, а вториот формално останување во БиХ со целосна автономија и свртување кон Хрватска (статусот на Јужен Тирол, што е предвиден и за српските општини на Косово).
Босна и Херцеговина
Како што е наведено во „нон-пејперот“, Босна и Херцеговина „би била составена од кантони со претежно бошњачко население, кои би презеле целосна одговорност за нивната држава“. Ова значи дека територијата на БиХ практично би била преполовена во однос на сегашните граници. Наведено е дека населението на оваа земја на референдум би се одлучило за иднината во ЕУ или надвор од ЕУ, свртувајќи се кон Турција. Во документот се вели дека „бошњачкото население е сè уште доминантно за ЕУ, но поради хаосот што владее во БиХ, расте влијанието на Турција и радикалниот ислам.