Руска единечна вакцина против коронавирусот наречена „Спутник лајт“ ќе се појави во февруари, објавено е на твитер-профилот на „Спутник В“, првата одобрена вакцина против вирусот во светот, чиј творец е рускиот научно-истражувачки центар „Гамалеја“ .
Соопштението доаѓа откако американската компанија „Џонсон енд Џонсон“ објави дека ефикасноста на нивната вакцина, која се дава во една доза, варира од 69 до 85 проценти.
„Добиени се добри резултати. Вакцината ‘Џонсон енд Џонсон’ во суштина е само првата доза на ‘Спутник В’. Ние исто така ќе лансираме еднокомпонентна вакцина во февруари. Ја нарековме ‘спутник лајт’“, објавија креаторите на руската вакцина.
Шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитријев, изјави дека новата верзија на вакцината ќе биде наменета главно за странските пазари, односно дека ќе биде ориентирана кон полесна примена на места каде има жаришта на епидемијата.
„’Спутник лајт’ може да послужи како ефикасно привремено решение за многу земји кои го доживуваат врвот на епидемијата“, вели Дмитријев.
„Лесната“ верзија на „Спутник В“ доби дозвола за клинички испитувања на 11 јануари од руското Министерство за здравство. Истражувањето се спроведува на 150 волонтери и се изведува во три медицински установи.
Според веб-страницата на државниот регистар, која содржи одобренија за истражување од руското Министерство за здравство, целта на клиничките испитувања е да се процени безбедноста, толеранцијата и имуногеноста на вакцината „Спутник лајт“ во врска со спречување на инфекција од коронавирус.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека постои „лесна“ верзија на руската вакцина против Ковид-19. Тој изјави дека оваа вакцина ќе има пократок ефект, но дека ќе овозможи вакцинирање на поголем број луѓе.
„Ако некое лице се разболи по примената лесна вакцина, нема да развие тежок случај на Ковид-19. Вирусот нема да се спушти во белите дробови, тој ќе биде само како мала настинка“, рече Александар Гинтсбург, шеф на „Гамалеја“.
Тој исто така објасни оваа вакцината ќе може да се стави во употреба брзо по почетокот на клиничкото испитување. Имено, не е потребно многу да се менува технологијата бидејќи во поедноставената верзија ќе се користи првата компонента од оригиналната вакцина.