Маж од Калифорнија почина откако беше удрен од автомобил додека ѝ помагаше на фамилија пајки да поминат преку улица, соопшти локалната полиција.
Во местото Роклин, околу 40 километри од Сакраменто, Кејси Ривара (41) излегол од своето возило за да им помогне на пајка и неколку пајчиња да ја поминат безбедно улицата, пред да биде прегазен од 17-годишен возач.
Сведоци велат дека Ривара (41) успешно ги насочил пајките до другата страна од улицата пред сообраќајката. Додека траело спасувањето, сите автомобили на раскрсницата застанале, а автомобилите не тргнале иако светлата на семафорот биле зелени. Присутните биле воодушевени од неговиот гест и му аплаудирале.
– Сите ракоплескаа затоа што тоа беше навистина добар гест од негова страна. Тој им помогна да се прекачат преку тротоарот затоа што сите мали пајчиња имаа проблем со тоа, а потоа помина и пред нашиот автомобил – изјави 12-годишниот Вилијам, еден од сведоците, за локалната новинска станица.
Полиција ја потврди нивната верзија.
„Човекот се обидувал да им помогне на неколку пајки, кои се нашле на крстосницата. Додека тој бил на крстосницата, возач тинејџер удрил во него“, се вели во соопштението на полицијата.
Возачот не е уапсен и најверојатно нема да одговара за сообраќајната несреќа, рече шефот на полицијата во Роклин. Автомобилот го управувала 17-годишна девојка, која останала на местото на настанот и соработувала со полицијата.
Младиот Вилијам сега сака заедницата да се сеќава на овој човек за неговиот последен херојски чин.
– Тој беше единствениот човек што излезе од автомобилот и се обиде да им помогне на пајчињата и веројатно е најдобриот човек во целата област. Не е фер – рече Вилијам, кој разговарал со медиумите со дозвола на неговата мајка, која била покрај него.