Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека не чувствува вина за бегството на Мијалков и најкатегорично ги отфрли шпекулации за какви било договори за бегството на Сашо Мијалков.
– МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.
Претходно тој презентираше хронолошки приказ по повод бегството на Сашо Мијалков.
„МВР интензивно продолжува со потрагата по Сашо Мијалков. Информативни разговори имавме со десет лица, помеѓу кои и семејството и обезбедувањето. Одземени се телефони и документација кои можат да послужат во овој случај. Проверени се локациите и безбедносните камери. Најостро ги отфрлам шпекулациите дека имало политички одговор со било кого. Во саботата околу 12,30 часот имав повик од Русковска дека имала информации за бегство, за што ја пренасочив да испрати писмено барање. Потоа добивме известување дека Русковска го испратила барањето. По истото барање е постапено. Во меѓувреме во 22,30 часот е дадена наредба за набљудување. Издадени се насоки за ангажирање на други служби, особено на излезните точки од градот. Околу 15,05 часот било утврдено дека излегуваат возилата од подземната гаража, но не е утврдено дали во некое од нив се наоѓал и Мијалков. Извршивме претреси а три стана во негова сопственост. МВР ќе продолжи со сите расположливи средства да трага по бегалецот. Целата држава го очекуваше ова објаснување, и ги поттикнувам и другите институции да дадат објаснување. Правда мора да има, и ова не смее да ја сруши довербата на граѓаните во системот“, истакна Спасовски на денешната прес конференција.
На прашањето дали Мијалков е во или надвор државава, Спасовски одговори дека тој сè уште е во Македонија.
– Според сите анализи и проценки, тој е во државава. Работиме на негово пронаоѓање и приведување – рече Спасовски.