Во последниот меч пред стартот на Европското првенство, македонската фудбалска репрезентација го совлада Казахстан со 4:0 (1:0). Во меч против слабиот противник, кој во финишот од првото полувреме остана и без исклучениот Мужиков, македонскиот тим одигра еден лесен меч, на кој селекторот Игор Ангеловски им даде шанса на неколкумина помлади репрезентативци.
Резултатот во отворивме во 35.минута, со гол од пенал на Алиоски по фаулот на Бејсебеков над Елмас во казнетиот простор на гостите.
Во 58. минута Македонија поведе со 2:0. Пандев го проигра Костадинов во противничкиот шеснаесетник, а овој од прва ја префрли на другата страна, а таму Иван Тричковски ја смести топката во голот. Ова е прв гол за Тричковски за репрезентацијата по подолго време.
Во 74 минута нововлезениот Милан Ристовски одлично се снајде во шеснаесетникот по изведениот корнер на Александар Трајковски и го постигна првиот гол во дресот со националните бои, за водство на Македонија од 3:0.
По Милан Ристовски и Дарко Чурлинов го постигна дебитантскиот гол во дресот за Македонија откако во 76. минута стрелаше за конечни 4:0 против Казахстан.
Македонија на Европското првенство ќе игра во групата Ц против репрезентациите на Австрија (13 јуни во Букурешт, 18 часот), на Украина (17 јуни во Букурешт, 15 часот) и на Холандија (21 јуни во Амстердам, 18 часот).