Ели Апостоловска (27) од Велес е единствената девојка која оваа година учествува на илинденскиот марш до Крушево, помеѓу 27 мажи. По професија e војник во Армијата. Воодушевена од илинденската коњаница која секоја година поминува низ Велес било инспирација таа да се пријави оваа година како учесник.
„Секоја година коњаницата поминува низ Велес и тоа ми беше мојата животна желба која што сакав да си ја исполнам. Се надевам дека со ова ќе бидам поттик и за останатите да си ги исполнуваат своите животни желби, затоа што тоа треба да го прават сите во животот“, изјави Ели за Репортер.
Низ историјата многу жени комитки и војвотки се отпеани во македонските народни песни, со што борбата за рамноправност започнала уште во минатото. Денес Ели е дел од толпа со повеќе мажи, но вели дека тоа не и пречи и е презадоволна од тоа како ја прифатиле.
„Тие се сите супер луѓе, ние сме како едено семејство. Не би рекла дека ние жените немаме рамноправност, ние секогаш можеме да ги работиме работите кои што ги работат и мажите. Тоа не значи дека јас само затоа што сум жена не знам да јавам коњ или дека останатите жени не би требало да се пријават во иднина. Се надевам ќе бидам мотив да се пријават што повеќе жени следната година“, рече Ели.
Патот до Крушево, Ели ќе го помине во друштво на нејзиниот коњ Цезар за кој вели дека ја засакал и дека е послушен.
„Немав подготовки, бидејќи сум физички активна, спортувам со што мускулите ми се подготвени и навикнати за да можам да издржам“, рече Ели, единствената жена во илинденскиот марш.
Ќе имаат неколку преноќувања, Скопје, Велес, село Теово. Комитската автентична облека која ја носи, ја носат само првиот ден кога тргнуваат за Крушево и последниот кога пристигнуваат на свеченоста за Илинден. Кога не е комитка, таа е војник.
„Не размислував никогаш во животот дека ќе бидам жена војник. Имам завршено средно медицина. Едноставно ми се појави желба. Сакам предизвици и сфатив дека не се пронаоѓам во медицината, туку сакам нешто по борбено. Поради тоа се пријавив во Армија“, раскажа таа.
Досега нема учествувано на воени мисии надвор од земјата, но постои амбицијата во иднина да замине во некоја земја.
За тоа дали мажите имаат страв и гард кон жените кои носат униформа, Апостоловска вели: „Мажите мислам дека чувствуваат страв кога ќе видат жена војник. Мислат дека тоа асоцира на агресивност, ароганција. Едноставно се плашат покрај себе да имаат жената војник. Можам да кажам дека ние имаме повеќе самодоверба, отколку останатите затоа што градиме карактер на борбеност и дисциплина. Не би требало да се плашат од жена војник, би требало малку да размислат за тоа“, вели Апостоловска.
За нив како жени во оваа професија има посебни правила и кодекси кои треба да ги почитуваат, во однос на шминка, нокти и фризура.
„Имаме правила кои секогаш ги почитуваме и досега немало отстапки. Имаме кодекс на облекување и однесување. Сето тоа мораме да го почитуваме. Косите мора секогаш да ни бидат собрани, нокти не треба да имаме и да сме секогаш добро облечени како што ни налага униформата. Шминката може да е нежна, но никако нападна, открива Ели за тоа како е да се биде жена војкник.