Премногу се тактизира со мерките, може да се оди и со поблаги мерки сè дотогаш додека не се закани надминување на капацитетот на здравствениот систем, а критериум за тоа е бројот на хоспитализираните болни. Како и расположивиот здравствен кадар. И дека ако епидемиолошката ситуација ескалира, треба да се воведат најстроги мерки. Но, не долготрајни, туку краткотрајни затварања за време од неколку последователни викенди. Долготрајниот „карантин“ би предизвикал повеќе штета од короната, вели епидемиолог доктор Драган Даниловски во интервју за „Стандард“.
На прашањето дали вакцината против Ковид 19 треба да биде задолжителна, Даниловски вели дека не треба да задолжителна, но најпрепорачливо е да се вакцинираат ризичните групи.
“Треба да биде препорачана за лицата постари од 65 години, хроничните болни, бремените жени и дебелите. Тие треба први да се вакцинираат. Другите граѓани да се вакцинираат по сопствена желба, но дури после ризичните групи. Патем, со вакво темпо на заразување на населението, се прашувам дали воопшто ќе ни треба вакцина, тогаш кога ние ќе дојдеме на ред, претпоставувам некаде кон средината на идната година, смета Даниловски.
Во врска со зголемениот број на заразени како и починати лица од Ковид, докторот посочува дека голем број од граѓаните го игнорираат вирусот и си продолжуваат со старите навики на интензивно дружење.
“Напливот на болни си го прави своето. Ете зошто постојано се апелираше да се почитуваат мерките. За жал, огромно мнозинство од граѓаните избраа да го игнорираат вирусот и да си продолжат со старите навики на интензивно дружење. Причините се повеќеслојни – од лошиот квалитет на образованието децении наназад до агресивните кампањи на теоретичарите на заговори. Но и нешто друго. Разногласието и кај нас докторите, вели епидемиолог Даниловски.