Сопругата на украинскиот политичар, кој преживеа наводен обид за атентат, се најде на насловната страница на украинското издание на „Плејбој“. Ова е прв број на списанието по почетокот на руската инвазија во Украина, пишува британски „Телеграф“.
На насловната страница, убавата Ирина Билоцерковец позира во метално бикини, со превез околу едното око.
Манекенката и телевизиска водителка, чиј сопруг е помошник на киевскиот градоначалник Виталиј Кличко, била подложена на неколкумесечно лекување и итна операција откако била жртва на вооружен напад само три дена по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година.
Оттогаш, таа стана симбол на отпорот во Украина.
Во разговорот за „Плејбој“, Билоцерковец открила како се чувствувала кога за првпат се видела во огледало по реконструкцијата на лицето. Одреден период се лекувала и во Берлин, Германија.
„Ми недостигаше око, ми стрчеа цевчиња насекаде, косата ми беше избричена по операцијата. Конци, лузни, рани насекаде… бев како чудовиштето на Франкенштајн. Вилицата ми пукна како гранче. Јас веќе немам убаво лице, но останатиот дел од телото ми е прекрасен“, рекла таа.
Таа, заедно со своите три деца, се возела кон својот дом низ богато киевско соседство во моментот кога била погодена од серија куршуми. Морала да направи четири операции, а останала без око, со скршена вилица и многу лузни по телото.
„Мојата убавина не беше важна. Во тој момент се поставуваше прашањето дали ќе преживеам. Лекарите во Украина велеа дека, веројатно, ќе умрам. Јас не сакав да се согласам со тоа“, се сеќава Билоцерковец.
Ова издание на „Плејбој“ е именувано „Women Stay Strong“ („Жените остануваат силни“) и е посветено на „издржливоста на Украинките, кои биле повредени за време на војната, но кои не ја изгубиле животната волја“.
По почетокот на руската инвазија на Украина, локалниот „Плејбој“ имаше само дигитални изданија. Овој број е прво печатено издание по повеќе од 18 месеци.