Човечкиот пептид наречен брадикинин може да биде одговорен за разновидните и понекогаш фатални симптоми забележани кај пациенти заразени со коронавирусот. Лекови за контрола на брадикинин веќе постојат и тие во моментот се тестираат кај пациенти со Ковид-19 за потенцијална терапија против болеста.
Брадикининот нормално помага во регулирање на крвниот притисок, а кај некои луѓе, се чини дека новиот коронавирус го поттикнува производството на брадикинин „со петта брзина“. Тоа може да доведе до еден вид „бура на брадикинин“ во човечкото тело, што пак резултира со низа симптоми кои се вообичаени кај Ковид-19 болеста.
Тим американски научници објавија студија во јули во која проучувале експресија на гени во примероци на белодробни течности земени од девет пациенти во Кина и ги споредиле наодите со примероци од група луѓе кои немале Ковид-19.
Соодветно на тоа, кај ковид-пациентите пронајдени се докази за прекумерна експресија на гени одговорни за производство на брадикинин, а кај групата која не била заразена имале намалена експресија на гени кои произведуваат ензими кои го држат брадикининот под контрола.
Брадикининот ги шири крвните садови и ги прави попропустливи, а големите количини на брадикинин може да доведат до протекување од крвните садови, особено во областите на телото кои се богати со крвни садови, како што се белите дробови. На сличен начин, брадикининот може да ја разгради браната помеѓу крвта и мозокот, што укажува на можна причина за збунувачките невролошки симптоми на болеста Ковид-19.
Канадскиот експерт Џо Пенингер смета дека хипотезата со брадикинин има смисла затоа што новиот коронавирус ги напаѓа ACE-2 рецепторите во клетките, а тие се исто така одговорни за зауздување на нивото на брадикинин. – Бидејќи вирусот ја намалува способноста на овие рецептори, нивото на брадикинин во човечкото тело може да излезе од контрола, вели Пенингер.