Стинг (68) и неговата сопруга Труди Стајлер (66) имаат четири деца, а пејачот од бракот со поранешната сопруга Франсе Томелти (71) има уште две деца.
По 27 години брак и 37 години врска, Стинг и неговата сопруга се уште се вљубени како првиот ден.
-Знам по нешто за бракот. Со Труди се венчавме пред 27 години, а многу ме прашуваат како бракот ни издржал толку долго. Секогаш им велам оти ни помогна чудо, но ништо не земаме здраво за готово, раскажа популарниот музичар.
– Се сакаме, но всушност и си се допаѓаме еден со друг и во тоа е целата поента. Љубовта е страствена, но кога некој толку многу ви се допаѓа и сакате да бидете во негово друштво, тогаш тоа трае многу подолго – вели Стинг.
Пејачот истакна дека е во брак со својата најдобра пријателка, како и тоа дека никогаш не мислел дека ќе стане татко.
-Случајно станав татко на шест деца, толку сум паметен. Тоа се најдобрите случајности во мојот живот и најдобрите луѓе на светот, раскажа Стинг, истакнувајќи дека веќе има седум внуци.
Инаку, Стинг се прослави како пејач на групата „The Police“, а потоа продолжи да гради успешна соло кариера.