Извршниот директор и коосновач на компанијата Бионтек, Угур Сахин, верува дека поради бројните мутации во корона вирусот, ќе бидат потребни нови вакцини до средината на следната година.
Сахин проценува дека со текот на времето ќе се појават мутации кои можат да ја избегнат имунолошката одбрана на телото.
Тој вели дека се чини дека бустер дозите можат да се спротивстават на главните варијанти, но дека на крајот ќе се развијат мутации кои можат да го избегнат имунолошкиот одговор зајакнат со вакцинација, што ќе бара развој на вакцини специјално дизајнирани за одредени варијанти.
Лидерот на компанијата, која во соработка со американскиот Фајзер ја произведе првата вакцина против ковид-19, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека варијантите во моментов во оптек, особено делтата, се повеќе заразни, но не доволно различни за да се намали ефикасноста на вакцините кои сега се користат.
„Оваа година, апсолутно не ни требаат нови вакцини, но кон средината на следната година, би можеле да се најдеме во поинаква ситуација“, предупреди Сахин.
Тој рече дека вирусот ќе остане и дека ќе продолжи да се прилагодува.
„Нема причина да се претпоставува дека полесно од оваа ќе се бориме со следната генерација вируси. Ова е континуирана еволуција и дека еволуцијата штотуку започна”, рече Сахин.
Тој предвидува дека следната година ќе има две главни насоки во програмите за вакцинација – бустер дози за имунизираните лица и континуиран напор за вакцинирање на оние кои досега немале пристап до вакцини.