Ако ги прелистуваме страниците на македонската ракометна историја ќе сретнеме многу имиња што одиграле значајна улога во развојот на ракометот. Почнувајќи од основоположникот Славко Матовски, преку плејадата врвни ракометари на првиот наш прволигаш Работнички предводенин од Теофил Томановиќ и Никола Матовски, ќе дојдеме до едно име кое навистина има посебно место не само во ракометот, туку и во спортот кај нас, Славе Атанасовски-Чаве. Популарниот Чаве, како и сите деца во почетокот на 60-тите години од минатиот век, својот спортски живот го почна низ маалските улици. Калдрмата во познатото Пајко Маало не му пречеше да ја шутка топката и со своите другари речи си по цел ден да биде на улица меѓу импровизираните голчиња .
-Во тоа време сите сакавме да станеме фудбалери. Фудбалот беше најпопуларен спорт, а желбата на сите млади беше еден ден да заиграат за Вардар, Работнички, Балкан, Слога, МИК(Скопје). Тие беа најпознатите клубови кои беа вклучени во тогашниот систем на натпревари. Но, сепак мора да кажам дека најмногу не привлекуваше Вардар, кој и тогаш и сега е вистинскиот македонски фудбалски бренд – се сеќава на тие години Чаве.
Меѓутоа, интересно е дека тогаш децата се занимаваа речиси со сите спортови, не само оние со топка, туку и со бокс, гимнастика, атлетика, борење… Потоа, се определуваа за оној спорт во кој сметаа дека ќе може да напредуваат. Така беше и со Славе Атанасовски.
-Иако бескрајно го сакав фудбалот, сепак условите придонесоа да одам во ракометот. Причината беше едноставна – ДТВ Партизан беше преку еден двор од мојата куќа, а таму најмногу се играше ракомет. Имаше игралиште од „шљака“, во тој период беше формиран и ракометен клуб кој функционираше во рамките на друштвото, а го носеше и неговото име. Така, наместо фудбалер станав ракометар. Но, и овде имаше еден интересен момент – почнав како голман!
СО „ПАРАДИТЕ“ ГИ ВООДУШЕВУВАШЕ ГЛЕДАЧИТЕ
Атанасовски беше меѓу најмладите ракометари на „Партизан“, но поради „парадите“ кои умешно ги изведуваше фрлајќи се од статива до статива, стана миленик на публиката.
-Најнапред бев резервен голман и ја чекав својата шанса. Една недела, поради некои обврски првиот голман Тримпаре не дојде на натпреварот, па познатиот спортски работник Раица, кој на некој начин беше водач на екипата мене ми даде шанса да застанам на голот. Бранев одлично, па така станав и прв голман. Но, ова траеше кусо време, зашто сепак моја желба беше да играм, а не да бранам. Таа желба ја знаеше и Раица, па еден ден ми рече наместо тренерка да облечам дрес. Бев изненаден, но и задоволен. Си реков шансата мора да ја искористам. И навистина така беше. Оттогаш бев незаменлив на позицијата на центар-халф.
Тогашната екипа на „Партизан“ беше вистински хит. Тоа беше млад состав, во кој покрај Атанасовски играа уште Ламбевски, Панев, браќата Миќо и Миди Каратошеви, Михајлов, Бошевски, Трајковски.
-Се сеќавам игравме куп-натпревар со Работнички. Сите шанси беа на страната на многу поискусниот противник, кој беше и југословенски прволигаш, а ние игравме во градската лига. Времето беше врнежливо, теренот на „Работнички“ кај сегашното фудбалско игралиште, беше тежок за игра. Од тие причини беше донесена одлука наместо два пати по 30, да играме два пати по 20 минути. Тоа нам ни одговараше, зашто физички бевме послаби од противникот. Во еден тежок меч, на крајот славевме победа од 5:3, што беше големо изненадување. И ние самите не можевме да поверуваме дека го елиминиравме од куп-натпреварите многу попознатиот ривал. Оваа средба покажа дека кај нас има капацитет и дека треба само да продолжиме со работа. Еден од најдобрите македонски ракометари, подоцна и тренер, Миле Кратовалиев, ме забележал на тој натпревар и набрзо потоа дојде понуда кариерата да ја продолжам во „Графичар“. Тоа беше клуб, кој по ранг и квалитет беше веднаш зад „Работнички“. Потоа „Графичар“ се прекрсти во „Вардар“ и во него дојде речиси целата екипа на мојот прв клуб „Партизан“. Така ми се оствари уште дена желба од детството, да станам вардарец – продолжи Атанасовски.
Од тие моменти почна вистинскиот ракометен живот на Атанасовски. „Вардар“ предводен од Зафир Куновски беше одлично организиран клуб, кој играше значајна улога во Македонската, а подоцна и во Втората југословенска лига.
-Тоа беше прекреасен период. Сите „дишевме“ како еден, имаше големо другарство. Често се случуваше секој од нас да донесе нешто од дома, тегла пинџур или слатко. Тогаш сите ќе седневме и ќе се „почестевме“ со она што ќе се најдеше на масата. Навистина тоа време не можам да го заборавам.
Сепак, еден натпревар со „Борец“ од Велес му даде друга насока на ракометниот пат на Чаве.
-Средбата беше нервозна и неизвесна. Имаше и чести прекини и кошкање меѓу играчите. Јас дури имав една пожестока реплика со Кратовалиев, кој тогаш настапуваше за Борец, а истовремено беше и тренер на екипата. Во последните секунди победивме со 9:8. Потоа, истиот тој Кратовалиев со кого имавме жестоки дуели во текот на играта, ми пријде и ми рече дека местото ми е во „Борец“. Бев изненаден, но знаев дека велешаните имаат големи амбиции и нивна цел беше влез во Првата лига. Тие неколку години беа шампиони на Македонија, што беше јасен сигнал дека еден ден екипата која се создаваше долго време ќе стигне до саканата цел.
НЕЗАБОРАВНИ ГОДИНИ ВО „БОРЕЦ“
Велешани по секоја цена сакаа да го доведат во својата средина Атанасовски. Тие веќе имаа неколку засилувања, од кои најзвучно беше името на битолчанецот Пеце Димитровски, кој претходно настапуваше и за прволигашот „Железничар“ од Ниш и за југословенската сениорска репрезентација. Атанасовски ја прифати понудата од велешани и станува нивни играч.
-Од овој трансфер добив пари за колку едно „фиќо“, што не беше малку за тоа време. Но, тоа не ми беше толку битно, најбитно ми беше да одиграм добро и со „Борец“ конечно да влеземе во Првата лига. На првите квалификации на кои што настапував, во Риека, не успеавме. Затоа пак квалификациите во 1967 година, што се одржаа во Велес беа нешто што ќе го паметам целиот свој живот. Во градот се создаде една таква еуфорија, што беше невозможно да не успееме. На крајот, по двете победи над Рудар и Сплит, кога го направивме и тој последен чекор и го совладавме Бечеј, на славјето му немаше крај. Повеќе од 7.000 гледачи ја славеа нашата победа и се радуваа на големиот успех. За прв пат Велес доби прволигаш. Така желбата на сите, и оние постарите, а и оние помладите љубители на ракометот беше остварена. Славјето траеше цела ноќ, а најбучно беше во бифето од банката во кое не се знаеше кој јаде, кој пие и – кој плаќа. Едноставно тоа беа моменти на голема радост и никој ништо друго не го интересираше.
Во првата прволигашка година „Борец“ се претстави како цврт ривал. Велешаните имаа еден добар тим во кој, покрај Атанасовски, тука беше и легендарниот Мијаков, потоа голманите Кирков и Гигов, Клинчаров, Гајдов, Димитровски и браќата Васкови. Сите екипи тешко излегуваа на крај со велешаните.
-Покрај прволигашките битки кои беа полни со неизвесност, но и квалитетен ракомет се сеќавам и на два куп-натпревара. Откако ја елиминиравме „Црвена звезда“ со 9:8, во полуфиналето противник ни беше белградски „Партизан“. Во финишот, кога резултатот беше 18:18, беше досуден пенал за нас. Сите бегаа од топката, никој не сакаше да ја преземе одговорноста да го изведе ударот од 7 метри. Откако сите очи беа вперени кон мене, не ми остануваше ништо друго – ја зедов топката, биев и го совладав голманот Бањанин, кој беше пак специјалист за одбрана на пенали. Победивме со еден гол разлика, станавме финалисти на Купот, но тука, во таа последна пресметка бевме поразени од европскиот првак „Партизан“ од Бјеловар. Овде против четата на тогаш најдобриот ракометар во Европа, Хорват, бевме немоќни – продолжи Атанасовски.
Имаше уште многу натпревари на кои љубителите на ракометот во Велес се сеќаваат. Чаве, пак, се сеќава на една средба кога од премногу народ попушти и се урна дел од трибината.
-За среќа сето тоа мина без последици. Ние играчите бевме збунети, дојде до прекин на средбата, која беше следена можеби и од 10.000, па и повеќе гледачи! Многу од гледачите беа качени дури на керамидите од покривите на околните објекти до самиот терен. Оттогаш во југословенскиот печат, кога ќе станеше збор за Велес, секогаш се потенцираше и она – градот на ракометот. И навистина, така беше. Луѓето живееја со „Борец“, а мене тука ми минаа најубавите години од ракометната кариера.
(Продолжува)
Лична карта : Славе Атанасовски-Чаве
Роден 1945 година во Скопје
Кариера: РК Партизан 1, Графичар, Вардар, Пролет, Металург, Борец
Успеси: Младински репрезентативец, финалист во Купот на Југославија
Тренерска кариера: Прв селектор на ракометната репрезентација на Македонија, влегување со Борец и Вардар во Првата лига, тренер на повеќе македонски екипи, тренер во Грција и селектор на женската репрезентација на оваа земја
МЛАДИНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ НА ЈУГОСЛАВИЈА
Славе Атанасовски-Чаве, заедно со Ламбевски и Пејов, беа првите младински репрезентативци на поранешната држава од Македонија. Меѓутоа, катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје многу влијаеше на нивната репрезентативна кариера.
-Токму кога бевме на подготовки на Кошутњак во Белград, се случи скопскиот земјотрес, раскажува Атанасовски. Утрото кога дојдовме на појадок почувствувавме дека нешто се случило. На соседните маси беа и фудбалерите на Партизан со Шошкиќ, Галиќ, браќата Чебинац и нешто разговараа и споменуваа некаков силен земјотрес. Јас не знаев за што станува збор се додека не дојде тренерот Иван Сној и ни ја соопшти веста за природната катастрофа што го погоди нашиот град. Репрезентацијата замина на турнир во Холандија, а ние се спакувавме и се вративме во Скопје. Овој момент како да беше пресвртница во мојата репрезентативна кариера. Повторно бев повикуван и настапував за младинската репрезентација, но загубеното време поради земјотресот не можеше да се надополни. Подоцна, кога се среќавав со мојот цимер од тие репрезентативни денови, подоцна познат тренер, Тута Живковиќ, често разговаравме и се сеќававме на тој тажен момент.