Добил скршеници прескокнувајќи ограда, бегајќи од полиција за време полициски час. Ваква драма му се случила синоќа на 30-годишен кавадарчанец, потврди за МИА Ратко Грков, доктор во Брза помош од Кавадарци.
-Интервениравме на повик синоќа околу 18 часот. Младиот човек имаше комплетно две скршеници на двете коски на потколеница. Имобилизиравме и го пренесовме во болница. Стануваше збор за повреда за која е потребен оперативен третман, рече докторот.
Според тоа што го раскажал 30-годишникот, додека се движел со автомобил, му била покажана полициска палка за да застане. Не го почитувал знакот и продолжил кон селото Марена. Во селото излегол од возилото и се обидел да прескокне ограда за да влезе во дворот на другар. Таму и се повредил.
Со повреденото момче било уште едно лице кое имало зголемена температура и болки во гради и мускули, па било упатено кај матичен лекар за да му се направи епидемиолошка анкета за понатамошно постапување, според препораките на Министерството за здравство. Со Брза помош било однесено дома со препорака да се самоизолира.