Големата хеликоптерска несреќа која се случи пред повеќе од еден месец, а во неа загинаа Коби Брајант, неговата ќерка Џиана и седум други лица, се уште е главна тема во американските медиуми. Последниве денови, во полицијата на Лос Анџелес завладеа паника бидејќи започнаа да се шират гласини дека полицајци во баровите ги покажуваат сликите од местото на несраќата на кои се гледаат телата на загинатите.
Според информациите кои им се достапни на американските медиуми, полицаец почетник го сликал местото на несреќата заедно со телата на загинатите и потоа во бар и ги покажувал сликите на девојка која се обидел да ја импресионира. Келнерот го пријавил случајот во полицијата откако слушнал за што зборувале гостите. Од „ТМЗ“ се јавиле во полицијата и таму им било кажано дека за тој случај се запознаени пред три дена и дека проблемот се решава во тајност.
Како што пренесува „ТМЗ“, тие добиле потврда дека од канцеларијата на шефот на полицијата на Лос Анџелес бил испратен допис во кој се замолуваат полицајците да дојдат на работа, да ја пријават грешката и да ги избришат сликите, и никој нема да сноси никакви последици. Сето тоа било сторено на брзина, но обидот за заташкување го откриле новинарите на „Лос Анџелес тајмс“.