Деновиве, како што пишуваат таблоидите, данската принцеза Мери доживува вистинска драма.
Имено, при посетата на Фелипе Шести и кралицата Летиција, скандал го потресе данскиот двор. Принцот Фредерик, сопруг на принцезата Мери, беше обвинет за прељуба.
Иако на лицето на Мери не се гледаат емоции, на фотографиите се гледа одредена дистанца меѓу неа и Фредерик, што во минатото не се забележувало. Магазинот „Лектурас“ пред само неколку дена објави фотографии од данскиот престолонаследник со мексиканската реалити ѕвезда Хеновева Казанова.
Атрактивната русокоса и Фредерик биле „уловени“ во Мадрид каде присуствувале на изложбата на легендарниот уметник Пабло Пикасо. Познатата Мексиканка набрзо ги демантираше гласините за аферата и ги окарактеризира како „злонамерни“ и невистинити.
Хеновева, поранешна снаа на шпанската војвотка од Алба, за магазинот „Хола!“ негираше каква било романтична поврзаност со данскиот принц.
„Секоја изјава од овој тип не само што е невистинита, туку и погрешно ги прикажува фактите на злонамерен начин. Ова е веќе во рацете на моите адвокати кои ќе преземат соодветни чекори за да го заштитат моето право на чест, вистина и приватност“, изјавила таа.
Наводно, престолонаследникот Фредерик ја посетил Шпанија за да ужива во уметнички изложби, фламенко и нови ресторани. Тој планирал да присуствува на изложбата на Пикасо со заеднички пријател на него и Хеновева, но пријателот откажал во последен момент и наместо него, ја замолил оваа Мексиканка да присуствува.
Откако Хеновева и Фредерик ја посетиле изложбата, тие прошетале низ паркот Ел Ретиро, а потоа вечерале во престижен ресторан.
И додека данската кралска двојка не ги коментираше овие наводи, а Хеновева ги негира, експертите за говор на телото тврдат дека фотографиите сепак откриваат одредени проблеми во бракот на принцезата Мери и Фредерик.
И двајцата наводно „избегнуваат контакт со очи“, при што принцезата изгледа далечно и малку напнато, додека принцот изгледа не е сигурен каков став да заземе кон својата сопруга. Експертот за говор на телото Џуди Џејмс изјави за Femail дека Мери „нетрпеливо си игра со бурмата“ и се однесува малку надмено, иако очигледно ја стега вилицата поради напнатоста.