Згрозена сум со што луѓето се занимаваат, изјавила најмладата парламентарна пратеничка Марина Опачак Билиќ, која утрово дознала дека некој и направил профилна Инстаграм и на порнографска страница.
„Не знам како сериозни мрежи како Инстаграм може тоа да го дозволат, некој да направи профил на твое име“, рекла Опачак-Билиќ.
Најмладата парламентарна претставничка доаѓа од Славонски Брод, а бидејќи е мајка на три малолетни деца ова дополнително ја вознемирило.
„Одам во полиција да пријавам“, изјавила за „24Sata.hr“.
Како што вели, потребна е поголема контрола на профилите на социјалните мрежи.
„Како толку моќни социјални мрежи кои имаат милиони и милијарди не вложиле во тоа да се прегледаат профилите кои се отвораат“, прашува Опачак-Билиќ.
Нагласила дека треба во посилна мера да се застане на крај со измамите на интернет. Тука, како што објаснила, станува збор за злоупотреба на фотографии и имиња, но дека секако станува збор и за измама на корисниците на социјалните мрежи.
„Повикувам да бидеме внимателни при користењето на истите, и родителите посебно да внимаваат на содржините кои децата ги прегледуваат. Децата не се свесни колку опасности има и дека може некој лажно да им се претставува. Мораме да ги предупредуваме да не комуницираат со лица кои не ги познаваат“, апелира Опачак-Билиќ.
Додала дека на децата треба да им се нагласи дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат лица кои имаат лоши намери и да не објавува лични податоци кои лесно може да се злоупотребат.