Легендарниот голман на француската ракометна репрезентација, Бруно Мартини во понеделникот беше уапсен и приведен во полиција под обвинение за детска порнографија и намамување на 13-годишно момче.
Франсинфо пренесува дека 52-годишниот, кој со „триколорите“ го освои златото на светските првенства во 1995 и 2001 година, ја поминал ноќта во притвор, а еден ден подоцна бил пуштен откако ја признал вината. Поради соработката со истражителите тој може да добие поблага казна од најмногу пет години затвор и парична казна од 75.000 евра.
Случајот за кој беше приведен датира од летото 2020 година, кога момчето и кажа на мајка си дека маж го контактирал преку социјалните мрежи и барал од него да размени неколку селфи и видеа од сексуална природа со него. После тоа, тој го повикал лично да се сретнат и му понудил да плати за возењето со такси, што тинејџерот го одбил. Инспекторите од Единицата за заштита на малолетници подоцна откриле дека токму Мартини се криел зад прекарот.
Како што пишуваат „Фигаро“ и „Франс прес“, Мартини во своја одбрана рече дека верува дека момчето има над 15 години. Извор близок до париското обвинителство откри и дека во моментов немаат информации за други жртви.