Српскиот амбасадор во Каиро, Југослав Вукадиновиќ, е фатен на аеродромот во Белград каде со сопругата слетал од Каиро обидувајќи се да пренесе 84.000 евра кеш распоредени во 12 куфери, пренесува „Блиц“.
Имено, пред некое време, Вукадиновиќ и неговата сопруга пристигнале од Каиро на аеродромот „Никола Тесла“, а потоа тој се обидел да донесе 84.000 евра во готово во земјата, за што претходно не пријавил кај ниту еден од надлежните органи.
– Вукадиновиќ и неговата сопруга се вратија од Египет бидејќи тој беше отповикан од амбасадорската позиција само неколку дена претходно. Со себе имале 12 куфери во кои биле поделени 80.000 евра, а во паричниците имале уште 4.500 евра – открива изворот.
Патем, секој човек може да донесе неограничена сума пари во земјата, но ако износот е повеќе од 10.000 евра, тие пари мора да бидат пријавени. Вукадиновиќ далеку ја надминал таа сума и тие не информирале никого од властите.
– Кога го фатија, тој рече дека се работи за дипломатска пратка. Меѓутоа, бидејќи секоја дипломатска пратка мора да биде придружена со курирско писмо, а тој го немал, цариниците сфатиле дека лаже. Потоа ја сменил изјавата и рече дека се работи за лични заштеди – наведува соговорникот.
Меѓутоа, според податоците на Агенцијата за борба против корупцијата, иако бил должен да ги пријави личните заштеди, тоа не го сторил, а споменатите пари никаде не биле регистрирани.
Како што се испоставило, парите биле запленети, Вукадиновиќ е ослободен, а јавноста до денес не знае ништо за овој скандал. Според информациите на Блиц, се водат постапки против поранешниот амбасадор во Каиро пред надлежните органи.
Вукадиновиќ, инаку, бил отповикан непосредно пред овој инцидент поради професионални пропусти. Сето тоа кулминирало кога, на крајот на август, требало да организира официјална посета на министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, на Египет, и тој не го сторил тоа како што треба.
– Неколку дена пред доаѓањето на Селаковиќ, Вукадиновиќ беше поканет од луѓе од МСП да видат како се одвиваат подготовките, а тој рече дека е приватно во Хургада и дека се` ќе биде во ред со посетата. Тоа е сериозна негрижа и ароганција, бидејќи амбасадорот е таму да ја организира посетата. Овој настан со трансфер на пари покажува и дека претседателот Александар Вучиќ и министерот Селаковиќ постапиле правилно кога го отповикале Вукадиновиќ – вели изворот.
Вукадиновиќ важи за контроверзен амбасадор, и претходно бил поврзан со нелегални афери. Некогаш беше конзул во Солун, и бил отстранет од таа позиција поради сомневања дека му помогнал на членот на земунскиот клан, Дејан Миленковиќ Багзи.
Миленковиќ планирал да избега од Грција, каде што беше, а според официјалното соопштение на МВР, за тоа знаела и полицијата. Неколку часа пред да му стават лисици на Миленковиќ, раководството на српската полиција наредило целосна подготвеност на полицајците на граничните премини поради сомневање дека Миленковиќ ќе влезе во Србија и Црна Гора со нов пасош.
После тоа, Вукадиновиќ бил вратен во земјата, а во следните 15 години тој имал пониски функции во Министерството за надворешни работи.
Неделникот „Време“напиша дека Вукадиновиќ дошол на позицијата генерален конзул во Грција во октомври 2001 година, по еден мандат во Македонија и осум месеци во земјата.
Југослав Вукадиновиќ во изјава за „Блиц“ вели дека информациите не се точни и дека ова не е вест.
– Тоа не е точно, парите се пријавени. Прашајте го Министерството за надворешни работи, тие беа информирани за се`, тоа беше дипломатска пратка – рекол Вукадиновиќ.
Министерството за надворешни работи изјавило дека нема да излезе во јавност во текот на постапката.
– Додека постапките пред надлежните органи се во тек, МСП нема да излезе во јавност. Вистина е дека Југослав Вукадиновиќ беше отповикан од амбасадорската позиција поради неговото непрофесионално однесување – велат во МСП.