Aнатеми со кои се проколнувани лекарите, противниците на власта и вештачката интелигенција, изрекол јеромонахот Спиридон при богослужба во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во преспанското село Јанковец.
На профилот на Фејсбук на самиот манастир е објавена видео снимка од службата на игуменот на манастирот, наречена Синодиконот на православието. Тоа е текст што се чита еднаш годишно, на првата недела од великиот пост. Во него се осудуваат ересите и оние што ја прогонувале црквата.

Прво јеромонахот чита делови од текстот, го изговара зборот „анатема“, а верниците трипати го повторуваат тој збор.
Во врска со вакцинирањето, игуменот Спиридон вели:
– На гонителите на Христовата црква кои убиваат свештенослужители и разрушуваат храмови Божји, кои мачат браќа наши и ја сквернават нашата татковина и кои под присила, принуда и уцени ги присилуваа да се вакцинираат против ковид, нека е анатема.
Потоа, во хор, верниците одговараат: „Анатема! Анатема! Анатема!“
Во однос на вештачката интелигенција, тој вели:
– На оние што со магии ги повикуваат демоните и се поклонуваат и се надеваат на вештачката интелигенција, нека е анатема.
Игуменот Спиридон во изјава за весникот Вечер категорично тврди дека неговите зборови се искривено и тенденциозно пренесени.
Анатема за вештачката интелигенција и вакцините ја отвори полемиката по богослужбата за Недела на Православието во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Јанковец, каде објавено видео предизвика силни реакции откако во читањето, покрај традиционалните формулации од црковниот Синодикон, беа вметнати и теми поврзани со ковид-вакцините, вештачката интелигенција и односот кон власта.
Во видеото што го пренесоа повеќе медиуми се слуша како јеромонахот Спиридон чита формулации според кои осуда ги снаоѓа тие што под присила ги терале луѓето да се вакцинираат против ковид, тие што се надеваат на вештачката интелигенција, како и тие што не веруваат дека владетелите се поставуваат по Божјо провидение и повикуваат на промени. По секој прочитан дел, присутните верници одговарале во хор со традиционалното „анатема“.
Контроверзата добива дополнителна тежина и затоа што ваквите пораки доаѓаат години по јавниот апел на поглаварите на МПЦ-ОА, ИВЗ и Католичката црква, кои во 2021 година заеднички ги повикаа граѓаните да се вакцинираат против ковид-19. Во меѓувреме, според Трн, до моментот на објавување немало официјално дистанцирање или реакција од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Подоцна, јеромонахот Спиридон тврдел дека неговите зборови биле искривено и тенденциозно пренесени, односно дека суштината на кажаното била погрешно интерпретирана. Така, приказната што почна како манастирска служба во Јанковец прерасна во поширока јавна расправа за тоа каде завршува верската порака, а каде почнува опасното мешање на верата со антиваксерски и технофобични пораки
Тој додава дека не е против вештачката интелигенција.
– Јас немам ништо против вештачката интелигенција, туку сум против заблудувањето на луѓето, против извртувањето на вистината, против лажните вести што се шират преку неа. Сите добро ги знаеме лошите страни на ВИ, кои ги заведуваат луѓето – вели Спиридон.
Јеромонахот вели дека тоа што го користел зборот „анатема“ не значи дека праќал некого во пеколот и дека му фрлал проклетство.
– Анатемата е духовен лек што го даваме за да се покаат некои луѓе што прават такви работи и да се вратат на вистинскиот пат. Тоа е еден вид духовно лекарство за спасување на душите, а што е во суштина на христијанството – вели Спиридон.
Овие пораки доаѓаат неколку години по јавниот апел на поглаварите на МПЦ-ОА, ИВЗ и Католичката црква, кои во 2021 година заеднички ги повикаа граѓаните да се вакцинираат против ковид-19. Досега нема реакција од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во врска со оваа богослужба.
