Министерот за здравство Венко Филипче гостувајќи во „Емисијата 200“ на Алсат, на крајот одговорил и на прашањето дали размислува да ја заврши политичката кариера.
„Во однос на идните планови јас сум целосно фокусиран сега на овој проблем, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Мислам дека апсолутно, човек генерално, не само во политиката, мора да ги има сите опции отворени“, рече Филипче.
Инаку, тој претходно најави дека од 1 септември ќе се промени и начинот на одржување на настава во училиштата.
– Ќе се работи во повеќе смени, некои програми ќе се одржуваат онлајн, тоа допрва ќе го разработуваме со стручните лица, најави Филипче, кој додаде и дека заштитните маски ќе бидат дел од секојдневието на училиштата.
Во контекст на отворањето на кафулињата и другите угостителски објекти, одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека Владата не носела, односно не разлабавила ниту една мерка во прилог на порано одржување на изборите.
– Тоа ќе биде исто како да влегувате во друг затворен објект, ќе се дезинфицираат рацете, ќе се носи маска и ќе се држи дистанца од два метри. Постојат протоколи и за мали простории, како и до сега.