Откако лидерот на Левица, Димитар Апасиев праша како е можно Левица да добива исто пари од буџетот како и ГРОМ која настапила во предизборна коалиција, преку својот Фејсбук профил се огласи претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски.
“Сезнајкото вечерва гостуваше на „Само Вистина“.
Зборуваше по принципот кого удрам не жалам. Сите за него ништо не знаат, сите не чинат, само тој е добар. Му сметало зошто пратеници добивале патни трошоци и направи весела математика земајќи го за пример Куманово. Тој вели од Куманово до Скопје има 50 км и назад вкупно 100 км. Според неговата математика пратениците требале да добиваат само 300 денари. Тоа значи да го дотираат од сопствениот буџет патувањето до Скопје.
Се прашувате зошто.
Затоа што кај наплатната рампа кај Куманово пратеникот треба да плати 60 ден, на втората кај Петровец 40 денари и за назад уште толку или вкупно само за патарина 200 денари. Според неговата правна математика треба да им се исплати 300 денари не земајќи го во предвид потрошеното гориво, зошто на 100 км ќе се потроши 7 до 8 литри.
Значи околу 500 денари се потребни од Куманово до Скопје и назад и 200 денари за патарини, вкупно 700 денари. Според математиките на Апасиев пратеникот од Куманово треба да биде зијан 400 денари а возилото троши ли гуми, улје, дали се амортизира, се плаќа ли регистрација за него и сервиси.
Значи исплатената сума од 1000 ден на Пратеник кој патува од Куманово е само покривање на направените трошоци.
Во исто време тој јавно постави дилема како можела партијата ГРОМ да добива од буџетот пари колку неговата Левица.
Многу едноставно. ГРОМ во 2014-та година излезе на претседателски и на парламентарни избори. Како дебитант, партијата освои 34 илјади гласови и со толкав број на гласови добивме само еден пратеник.
И не рековме ни оф ни леле додека пак тој на минатогодишните избори со освоени 37 илјади гласови доби два пратеника и глуми жртва оти имал многу гласови а добил малку пратеници. Според неговите сваќања сите добиваат многу само тој и левица малку.
Инаку ГРОМ на локалните избори одржани 2017 година само во две Општини имаше самостоен настап и освои 5.500 гласови и три советника, а во останатите во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, имаше и кандидат за Градоначалник со освоени 13.500 гласови а Левица немаше никаде кандидат за градоначалник.
Вистинското прашање е, зошто Левица добива пари колку ГРОМ како партија која постои од вчера и глуми лудило дека пратениците не требале да добиваат патни трошоци.
Зошто едниот пратеник од нивната партија живее во Скопје и не му следуваат трошоци а вториот живее во Штип и нема положено возачки испит и затоа му покриваат само автобуски превоз.
Затоа е подобро кога се јаде свој леб да не се берат туѓи гајлиња, оти не сме од муренка паднати и сите не паѓаме во несвест на глаголивите сарказми и вулгаризми“, напиша Стевче Јакимовски на својот Фејсбук профил.