Терминот синергија никогаш не можев да го разберам, сè додека не ја прочитав прекрасната вест која допатува од далечната Канада, каде е одлучено во еден ист објект да се смести дом за стари лица и дом за деца без родители. Мудрите Канаѓани од сојузната држава Британска Колумбија, заклучиле дека на тој начин сениорите ќе живеат со внучиња, додека сирачињата ќе добијат баба и дедо.
Оваа синергија не е падната од небо, туку е резултат на повеќегодишно внимателно експериментирање во неколку канадски градови. Во старските домови биле отворени градинки за деца од предучилишна возраст, а искуствата од овие „сениорско-јуниорски инкубатори“ се феноменални. Учителките и воспитувачките добиле помош во негувањето и воспитувањето на децата од корисниците на домот за стари лица, на кои денот им бил целосно исполнет со дечињата, на кои им организирале игри и им помагале во совладувањето на задачите. Децата воедно добиле шанса да имаат контакт со постари лица, што во Канада е ноторен проблем веќе неколку децении, бидејќи е забележано масовно растење на децата без редовен контакт со бабите и дедовците.Откако ќе биде целосно имплементирана програмата со децата од домовите за деца без родители, во Канада се подготвува и нареден чекор, а тоа е синергија на старски и студентски домови. Се претпоставува дека идните академски граѓани би добиле совети од непроценливо значење од своите повозрасни цимери во текот на студирањето, додека вторите ќе имаат можност да се подружат со млади луѓе на приближна возраст со нивните внуци кои по дефиниција многу ретко ги гледаат.
Не гледам никаква причина зошто ова не би се имплементирало и во Македонија, особено поради тоа што проектот заштедува пари од државниот буџет, што на нас, за разлика од богатите Канаѓани би требало да ни биде приоритет.
Кога сме веќе кај синергијата или во случајот соработка на две различни, но сепак сродни дејности, тука во нашава земја би можеле да размислиме и за проширување, ем надоградба на идејата. Во нашата земја луѓето со ниски примања, тие што живеат на работ на сиромаштијата, би можеле да добијат право да се хранат во мензата на Собранието, каде цените се субвенционирани од државниот буџет. За мали пари цели семејства ќе можат да се прехранат, па дури и да пробаат по некој специјалитет. А за возврат, македонските парламентарци би добиле ретка можност, да се видат со луѓето што ги изгласале за функцијата што ја обавуваат. Семејствата кои ќе се прехрануваат во собраниската менза, ќе може да послужат и за разни фокус групи или бреинсторминг сесии, па законодавниот дом во иднина би можел да носи законски решенија кои се од корист и на социјално загрозените категории.
Можностите од примената на оваа идеја се преголеми. Еве од прва ми текнува дека би можело да се размисли на тоа, партиските војници од една партија во изборниот циклус да „трчаат“ за друга партија. На крајот изборните резултати нема да бидат пречекани на „нож“ и сите ќе бидат победници. Синергија може да се пронајде и во идејата, студентите од Правниот факултет во Скопје на пракса да одат по министерствата, со што ќе добијат ретка можност да ги видат своите професори. Наместо на „мој термин“, болните би може да се праќаат на лекар, а невработените граѓани наместо на завод, на работа.
Синергијата е прекрасна алатка која заштедува пари и носи дополнителна вредност. Ги меша старите и младите, сиромашните со пратениците, болните со лекарите, а тоа го прави по пониски цени. Можеби само со потполна синергичност, конечно нашата земја ќе добие некаква смисла.
преземено од Фејсбук