Делта сојот може да има симптоми кои се поблаги и кои вообичаено не се поврзуваат со Ковид 19, поради што некои луѓе можат да ја „заменат“ болеста со алергија или пак обичен вирус.
Здравствен функционер од американската држава Луизијана, Џо Кантер, изјавил дека делта сојот сепак и натаму има типични симптоми како што се кашлица, зголемена телесна температура или краток здив, но додава дека гледа сè повеќе пациенти со поразлични симптоми како што се воспаление на синуси, течење на носот и болка во градите.
Ова значи дека пациентот би можел да има делта сој, изјавил Кантер за интернет и радио платформата „Одеси“.
„Може да имате релативно благи симптоми кои лесно може да се измешаат со алергии или настинка . Но, доколку имате било какви симптоми, без оглед на тоа колку се слаби, дури и само доколку е болка во грлото или течење на носот, треба да се тестирате и да ги ограничите контактите додека не ви стигнат резултатите“, додал Кантер.
Според истражувачите од студијата Зое ковид, изразеното кивање исто така е еден од показателите дека личноста е заразена со делта сојот.
„Нашите податоци покажуваат дека личноста која е вакцинирана, а потоа била позитивна на Ковид, веројатно ќе има кивавица како симптом, во споредба со луѓето кои не примиле вакцина“, напишале истражувачите.
Еден експерт во изјави за Си -Ен -Ен кажа дека памучните маски можеби не се толку ефикасни како маските КН95 или Н95 во заштита од делта сојот.