Зоран Михајлов
Ако ја прелистуваме боречката историја ќе дојдеме до едно име, кое го привлекува вниманието. Симеон Шутев, еден од најпознатите штипски борачи, кариерата ја почна на почетокот од 60-тите години од минатиот век, кога во градот под Исарот почна да функционира познатата боречка школа организирана од основоположникот на македонското борење-слободен стил – Ристо Таков.
-Меѓу стотината дечиња кои доаѓаа во школата Шутев ми го привлече вниманието уште во првите моменти, се сеќава Таков. Беше мал по раст, но многу жилав и експлозивен. Веднаш видов дека може да се развие во добар борач и затоа му посветував посебно внимание. Подоцна се покажа дека добро сум проценил, зашто Шутев направи една блескава кариера која кулминираше со 4-тото место во Европа на шампионатот во Скопје 1968 година и учеството, истата година,на Олимписките игри во Мексико, заедно со Борче Димовски. Тие практично беа нашите први боречки олимпијци.
ПРВ МЕДАЛ ОД БАЛКАНИЈАДАТА
Симеон Шутев како талентиран борач уште на почетокот од кариерата беше вклучен во југословенската репрезентација во слободен стил. Интересно е дека во тој период многу поголемо внимание се обрнуваше на претставниците во грчко-римски стил, кои имаа загарантирани учества на сите првенства, додека „слободностилашите“ поради тоа што тогаш се правеа првите чекори во нивниот стил некако беа во втор план. Затоа, секој пласман на македонските борачи, кои всушност ја сочинуваа југословенската репрезентација во слободен сти, меѓу првите тројца на турнирите и на шампионатите беше оценуван како голем успех рамен на подвиг.
Така, се сеќавам беше и во далечната 1962 година, кога на Балканијадата во Атина – Симеон Шутев беше единствениот македонски претставник што се закити со медал-бронзен. Тоа значеше отворен пат за него за настапи на сите следни квалитетни приредби. Меѓутоа, се уште беше млад и тренерите водеа сметка каде и кога ќе се натпреварува.
По овие први квалитетни настапи Шутев, гледајќи дека грчко-римскиот стил е многу повеќе форсиран решава да замине од Штип и да ги измери силите со борачите во грчко-римски стил. Тоа го направи и од егзистенционални причини, зашто врвните борачи во овој стил речиси беа професионалци. Така, Шутев најнапред стана член на Гавриловиќ од Петриње. Интересно е дека во овој клуб, кој беше и екипен шампион во Југославија, беше создадена една македонска колонија. Покрај него тука беа уште Панов, Петров, Штериев и Масев. Борачите од Петриње во тој период беа во голем подем и имаа идеални услови за тренинг. Како резултат на тоа, а се разбира и на квалитетите што ги имаше, Шутев во 1965 година на првенството во Зрењанин ја освојува и титулата – првак на Југославија во грчко-римски стил.
Тој беше настојчив и вреден. Во периодот кога замина од Петриње и настапуваше за белградски Железничар, се запиша и ја заврши Вишата школа за физичка култура. На тој начин тој ја обзбеди и својата иднина и по тие бурни години исполнети со тренинзи, натпревари и учење, се враќа во Штип. Со оглед на тоа што имаше диплома станува професионален тренер на Балканец во периодот од 1965 до 1969 година. Но, работата како тренер не му пречеше да биде и активен борач. Сега веќе со многу поголемо искуство Шутев настапува на Европското првенство во Скопје во 1968 година. Овде го постигна својот најголем успех – беше четврти што претставуваше еден од најдобрите пласмани на македонските борачи на европска сцена, по оние на Тефиков и Јусуфов во 1964 и 1965 година.
ТРЕМАТА ГО СТОРИ СВОЕТО!
Резултатот на Шутев, а и на Борче Димовски, кој исто така на ЕП во Скопје беше четврти, значеше визиран пасош за учество на Олимпијадата во Мексико. Тоа беше голема радост не само за љубителите на борењето, туку воопшто за сите во Македонија, која за прв пат на Олимпијадите ќе има свои претставници во еден поединечен спорт. Инаку, претходно голманот Благое Видиниќ, како член на фудбалската репрезентација настапи на ОИ во Мелбурн 1956 и во Рим 1960 година и освои два медала-златен (Рим) и сребрен (Мелбурн).
Настапот на олимписката боречка арена како да креваше адреналинот, па возбудата кај двајцата беше преголема. Тремата го стори своето. Тие како да се уплашија од големината на настанот и стигнаа само до второто коло. Инаку, колку што може да се сетам од разговорите со нив-по враќањето од Олимпијадата, имале проблеми и со аклиматизацијата, а исто така и со храната.
-Шутев имаше уште еден проблем, се сеќава новинарот Кирил Манев, кој е вистински хроничар на штипскиот спорт, а особено близок со борачите. Имено, тој за да ослободи место на Димовски, не настапи во својата категорија, туку отиде една категорија погоре, до 56 килограми. Тука не можеше да се носи со светските асови, кои беа потешки од него, а тоа во борењето е многу значајно. Ми се чини дека токму овој момент беше решавачки што Шутев не успеа да се претстави во вистинско светло на олимпискиот турнир во Мексико.
Мора да се напомене дека тогашниот селектор и прв учител на Шутев, Ристо Таков не отпатува на Олимпијадата. Тоа беше уште еден хендикеп за нашите олимпијци, кои во Мексико беа предводени од тогаш на југословенските простори неприкосновениот Геџа Ивановиќ. Секоја чест за него и за она што го има сторено за југословенското борење. Но, се чини дека неговиот ангажман претежно беше насочен кон борачите во грчко-римски стил што беше и нормално зашто тие беа во светскиот крем и атакуваа на медали. Токму поради тоа што беше „растргнат“ на две страни не можеше да им посвети поголемо внимание на македонските олимпијци. Така и Шутев и Димовски во решавачките моменти, кога требаше да се концентрираат за настапите, практично ја немаа целосната поддршка од селекторот.
-Мене ми беше посебно тешко што не отпатував да ги водам нашите борачи на Олимпијадата, коментира тогашниот селектор Ристо Таков. На еден таков собир драгоцена е помошта од тренерот со кој си работел и кој во душа те познава. Вака и Борче и Симеон како да беа препуштени самите на себе и се случи она што се случи. Штета, беа квалитетни борачи и можеа далеку да дотуркаат…
НЕЧУЈНО НАПУШТАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СЦЕНА
Периодот потоа беше исполнет со многу дилеми. Шутев беше на крстосница – требаше да реши дали ќе продолжи да се бори или ќе се посвети на струката да биде наставник по физичко. Се решава за ова второто и се вработува во ЕМУЦ Никола Нехтенин во Штип. Но, борењето му е при срце, па не можеше целосно да го напушти спортот во кој ги доживеа најубавите мигови во животот. Почна да ги подучува учениците на боречките вештини. Училишната спортска сала на ЕМУЦ секогаш беше отворена за борачите. Тука се одржаа многу боречки натпревари меѓу кои и еден „Македонски бисер“. Најголема заслуга за сето тоа имаше токму скромниот Симеон Шутев.
Се сеќавам секоја моја средба со, за жал сега покојниот, Шутев беше интересна и посветена на борењето. Едноставно беше опседнат со овој спорт, во кој ако не му се случеа некои семејни проблеми ќе останеше до крајот на животот. При тие средби ми раскажуваше за минатите времиња, за неговите настапи на турнирите, првенствата и посебно Олимпијадата. Секогаш ќе повтореше: жал ми е што не издржав уште малку, па со поголемо искуство да настапев на следниот олимписки собир во Минхен. Инаку, во најубаво сеќавање му беше Европското првенство во Скопје, кога стана 4-ти на стариот Континент. За тие борби секогаш раскажуваше со возбуда. Се сеќаваше и на моментите, кога во текот на неговата решавачка борба за високата четврта позиција, покрај душекот на зелениот тепих на Градскиот стадион (сега Арена Филип Втори) дотрчаа и гледачите. Тие беа огромна поддршка за него. По изцрпувачката борба со претставникот на Полска, легна на душекот и немаше сили да ја прослави победата, која му го отвори олимпискиот пат. Овој успех беше проследен со воодушевување од гледачите. Аплаузот доаѓаше од сите страни. Радоста беше неизмерна.
Инаку, Симеон беше скромен човек. Најмногу го „скрши“ смртта на неговата ќерка. До последен момент се бореше, трчаше на сите страни да ги обезбеди потребните лекови за неа. Но, вистината е сурова – најчесто наидуваше на затворени врати. Ќерката му почина, а потоа дојдоа и други проблеми-организмот на боречкиот шампион почна да попушта и тој нечујно ја напушти животната сцена, како штитеник во Домот за стари лица во Куманово. Не можев да претпоставам дека здравјето му е толку влошено. Инаку ќе го посетев во Домот и оваа приказна за еден од нашите први боречки олимпијци ќе беше уште побогата. Вака ми остануваат само овие спомени за скромното момче од Штип.
Лична карта – Симеон Шутев
Роден 1942 година во Штип, почина 2016 во Куманово
Кариера: БК Балканец, БК Железничар-Белград и Гавриловиќ од Петриње (грчко-римски стил)
Тренерска кариера: БК Балканец, репрезентација на Македонија
Успеси: Четврто место на Европското првенство во Скопје 1968, учесник на Олимпијадата во Мексико, трет на Балканот во Атина 1962, повеќекратен првак на Југославија во слободен стил и еднаш прв во грчко-римски стил 1965 во Зрењанин, меѓународен боречки судија