Поради силниот ветер кој ноќва го зафати Скопје, дел од крововите на зградите, лимени огради и откорнати дрвја се најдоа на булеварот Партизански одреди. Ветерот кој околу половина час дуваше во Скопје достигнал и брзина од 70 километри на час а социјалните мрежи беа преплавени со слики од настанати материјални штети односно откорнати покриви, искршени автомобили, паднати дрвја врз објекти…
Најголема штета невремето предизвика низ општина Карпош, а за расчистување на булеварот, на терен излезе и противпожарната единица на Град Скопје.
„Како резултат на силниот ветер, отстранети се кровни површини на неколку згради низ Карпош. Сите наши комунални служби излегуваат на терен, со цел справување со невремето“, соопшти градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.
И првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов вели дека ситуацијата се следи и се преземаат мерки. Тој апелира граѓаните да внимаваат на безбедноста.
„Екипите се веќе излезени на терен и започнавме со отстранување на одлетаните кровови и паднатите дрва. Ве замолувам, секој поединечно, да внимава пред сѐ за својата лична безбедност, но и безбедноста на другите луѓе и имоти. Состојбата се следи и се преземаат соодветни мерки“, објави Шилегов на фејсбук.
Радио и тв водителот Виктор Петров познат во јавноста како Викса на својот фејсбук профил објави видео на кое може да се види како им се помага на две лица врз кои најверојатно удрил покривот од зградата во Карпош по силниот ветер во Скопје.
Според неофицијалните информации, двете лица не биле повредени.
Управата за хидрометоролошки работи најави дека денеска и в петок се очекува претежно облачно време со врнежи од дожд и силни ветрови, а на планините и на некои повисоки места од снег.
Eve video od vetruvanjeto
Posted by Viktor Petrov on Wednesday, February 26, 2020