Принцот Филипос на Грција и Данска, најмладиот син на кралот Константин и кралицата Ана-Мари, се сврши со Нина Настасја Флор, објави магазинот „Пипл“.
– Нивните величества кралот Константин и кралицата Ана Мари со задовоство ја објавуваат свршувачката на нивниот најмлад син неговото височество принцот Филипос со Нина Настасја Флор, ќерка на Томас Флор и Катарина Флор – објави канцеларијата на монархот во официјално соопштение.
Филипос ја побарал Нина за жена на грчкиот остров Итака на почетокот на летово. Принцот Филипос работи како аналитичар на хеџ фондови во Њујорк, додека Нина е креативен директор на авиокомпанијата „ВистаЏет“, основана од нејзиниот татко.
Иако Грција во 1973 година ја укина монархијата, кралот Константин и неговите пет деца со кралицата Ана-Мари ги задржаа своите кралски титули. Сестрата на кралицата Ана Мари е данската кралица Маргарет Втора, а Константин е втор братучед со принцот Чарлс (Константин е и кум на британскиот принц Вилијам ).
Во моментов, принцот Филипос не е единственото дете на кралот Константин кое објави свршувачка. Неговата сестра принцезата Теодора ја одложи својата венчавка со адвокатот со седиште во Лос Анџелес, Метју Кумар, поради пандемијата на коронавирусот.